ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ОБРАЗОВАНИЕ
27.06.2019 👁 Прочитано: 1604

ОГРАНИЧЕН ДО УМЕРЕН НАПРЕДОК ВО ОБРАЗОВАНИЕТО – КАКО ГЛЕДА НА НАС ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА


Наташа Јаневска
м-р Наташа Јаневска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Јуни е месец што го означува крајот на учебната година, доделување свидетелства, полуматури, матури. Месец на дилеми и уписи во средно образование. Оваа година, јуни е и месец во кој се` уште е актуелен Извештајот на ЕК за напредокот на нашата земја и нејзино приближување до европското семејство. Тоа ме поттикна да фрлам поглед наназад за да видам колку сме напреднале. Ако невработеноста во 2010 година, поради економската криза, била многу висока и изнесувала 32%, во 2015 година се намалила на 28%. Во 2018 година стапката на невработеност паднала 20,7%, но и тоа не е доволно ако сакаме да станеме земја со ниска невработеност. А невработеноста и економијата секогаш се поврзуваат со квалитетот на образованието.

Доколку ги разгледаме извештаите на ЕК за напредокот на нашата земја во областа на образованието, ќе воочиме дека во 2010 година сме имале ограничен напредок во областа на образованието со забелешка дека сме започнале реформски процес, но тој не се одвива со определена динамика. Посебно забелешки се ставени на слабата поддршка за обука на наставниците, нивниот професионален развој, процесот на ефикасно оценување и опфатот на деца во предучилишното образование. Овие забелешки се провлекуваат и до ден денес.

Image result for under eu magnifying glassСледната, 2011 година, постигнат е умерен напредок во областа на образованието, а ист ваков напредок ќе имаме и во 2012 и во 2013 година, иако земјата го подобри своето дејствување во однос на Заедничките референтни вредности за образование и обука 2020, особено во областите како што се предвремено напуштање на образованието и стекнување на високо образование . Како позитивен е потенциран напредокот постигнат во однос на зголемената стапка на ученици кои завршиле средно образование. Во 2013 година, нотирано е дека БДП достигнал раст од 3,9%, споредено со претходната година, додека вкупната невработеност изнесувала 28,8% од работната сила. Во споредба со претходната 2012 година се намалила за 2,4 процентни поени. За младите на возраст од 15 до 24 години, стапката на невработеност достигнала 51,7%, која се намалила од 54,9 % во споредба со претходната година. Во областа на образованието како позитивно е нотирано донесувањето на Стратегија за стручно образование и обука за 2013-2020 година, преземените активности во областа на образованието на возрасните преку новите програми за обука и развивањето на Националната рамка на квалификации.

Во 2014 година постигнат е одреден напредок во областа на образованието и тоа во умерено напредната фаза. Стапката на рано напуштање на училиштето постепено почнала да опаѓа, а стапката на завршување на високо образование се зголемила. Дизајнирани се нови програми за тригодишно стручно образование и обука врз основа на анализа за потребите на пазарот на трудот . Но сепак, ЕК забележува дека нивото на образование на работната сила не е соодветно на потребите на економијата. Поради тоа, продуктивноста на трудот останува мала на околу 18,4% од просекот на ЕУ, посебно во производството, додека економијата претежно е фокусирана на земјоделството (19% од вкупната вработеност) и трговијата.

Во 2015 година образованието повторно е во умерено напредната фаза. Се зголемува процентот на деца на возраст од три до шест години во образованието на 34%, но и понатаму останува под просекот на целите на ЕУ (95% до 2020 година). За да се обезбеди поголема флексибилност на образованието за да излезе во пресрет на барањата на реалниот сектор е воведена Националната рамка на квалификации.

Во 2016 година нотирано е дека реалниот БДП се зголемил за 3,7%, додека стапката на невработеност малку се намалила на 24,5%. Образованието и понатаму останува во умерено напредната фаза. Стапките на запишување се подобрени: 18% за предучилишна возраст, 91% за основно образование и 73% за средно образование . Но сепак, забелешката на ЕК се однесува на недостатоците кои се јавуваат во стручното и во високото образование и ги попречуваат учениците/студентите да се стекнат со вештини потребни за работа во технолошки интензивни сектори. Како позитивен напредок е нотирано дека земјата успешно го презентираше својот Извештај за поврзување на Националната рамка на квалификации со Европска рамка на квалификации пред Советодавна група за Европската рамка на квалификации, во Брисел, како и усвојувањето на Концептот за неформално образование и информално учење, вклучувајќи и одредби за валидација на претходното знаење.

Во 2018 година ЕК нотирала умерен напредок во областа на образованието. Усвоена е Стратегијата за образование 2018-2025 година, со Акциски план и Националната рамка за квалификации е поврзана со Европската рамка за квалификации. ЕК воочила дека квалитетот на образованието и понатаму е предизвик на сите нивоа, но образованието е под ризик од корупција и политичко влијание. Според оценката на ОЕЦД за проценка на меѓународните оценувања на учениците (ПИСА) од 2015 година, земјата е рангирана на четвртото место од дното на листата од над 70 земји, што ни укажува дека треба да воведеме нов пристап во образованието на читање со разбирање, критичко размислување и решавање проблемски задачи со примена на стекнатото знаење. Практичната обука кај работодавач треба да се подигне на повисоко ниво, како и вклученоста на работодавачите во образованието и обуката.

И во 2019 година земјата повторно има умерен напредок во областа на образованието . Позитивно се гледа на пилотирањето на реформираните стручни наставни програми и во подобрувањето на квалитетот на практичната обука. Но сепак, се забележува дека образовниот систем останува ранлив на политичкото влијание и корупцијата и се препорачува понатамошно вложување во обуки и професионален развој на наставниците во стручното образование и обука, воведување на пофлексибилен, модуларен наставен план за стручно образование и обука со директно вклучување на работодавачите во образованието и обуката, како и ефикасност на трошењето на средствата во образованието.

И така, напредокот во областа на образованието се движи од ограничен до умерено напредната фаза, низа години. Тоа треба да не` загрижи, но не и да не` обесхрабри. Всушност, треба да не` поттикне за еден сериозен пристап кон образованието, затоа што без квалитетно образование нема конкурентна економија.