ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ДАНОЦИ И ЦАРИНИ
04.07.2019 👁 Прочитано: 645

МОЈОТ ДАНОК Е НАШ ДАНОК


Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Започна да се применува Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица. Согласно овој закон може да се оствари право на  враќање на данокот на додадена вредност (ДДВ) искажан во поединечна фискална сметка во висина од 15% од наплатениот данок. Правото на враќање на данокот се остварува за секое календарско тримесечје, а највисока основица за пресметување на данокот за враќање е искажаниот ДДВ во фискалните сметки во висина од 12.000,00 денари, што значи дека максималниот износ кој може да го врати едно физичко лице во едно тримесечје е 1.800,00 денари.

Правото на враќање на данокот не може да се оствари за фискалните сметки чиј вкупен промет надминува 30.000 денари, за фискалните сметки кои се веќе пријавени или кои се сторнирани, ниту за фискалните сметки кои се издадени за извршен континуиран промет за испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење и друго.

Јавноста во нашата држава, вклучително и бизнис секторот треба да има одговори на следните суштински прашања: „Која е целта на носењето на овој Закон?“ и „Кои ќе бидат ефектите од неговата примена?“.

Во писменото Образложение на Законот кое беше доставено до Собранието на нашата држава стои дека: „намалувањето на даночната евазија е основната причина за донесување на овој закон“ и понатаму стои дека „физичките лица ќе имаат право на враќање на дел од платениот данок на додадена вредност, при што истите самите на некој начин ќе бидат инспектори, односно ќе бараат да им се издадат фискални сметки“. Поради тоа се очекува и зголемување на регистрираниот промет преку фискални системи на опрема, како и зголемена наплата на даноците, односно намалување на даночната евазија од даночните обврзници“. 

МОЈОТ ДАНОК Е НАШ ДАНОКЗначи, официјално според овластениот предлагач целта е да се намали даночната евазија. Дополнително, пред јавноста како приоритетно се истакнува дека цел е да се врати данокот кај граѓаните, па оттаму и називот на Проектот „Мој данок“.

Првата цел - намалувањето на даночната евазија е неспорно исправна, а за втората цел - да се врати данокот кај граѓаните, може да се дебатира и да постојат различни убедувања, но едната и другата цел се легитимни. Прашањето е дали целите ќе се постигнат со конкретната мерка?! 

Решеноста за спречување на затајувањето на данокот е исклучително важно и придонесува за добар амбиент за работа на фирмите и граѓаните, но во однос на намалувањето на даночната евазија со мерката популарно наречена „Мој данок“ постојат неколку сегменти кои истата не ги решава. 

Даночна евазија постои и во претходни фази на производство и промет, а мерката е насочена само кон последната фаза на промет. Оттаму, хипотетички, ако мерката придонесе за зголемена фискализација, резултатот ќе е зголемување на регистрирањето на прометот во малопродажба, додека во претходните фази мерката нема значително да влијае.

Граѓаните доколку се доволно мотивирани може да ја прифатат улогата на  „инспектори“, но сепак за постигнување на суштински резултати борбата за намалување на даночната евазија првенствено треба да ја водат инспекторите од надлежните органи кои имаат компетенции и реални механизми за справување со истата. 

МОЈОТ ДАНОК Е НАШ ДАНОКПонатаму, а во контекст на намалување на даночната евазија, Законот не предвидува како ќе постапи надлежниот орган во случај ако лице кое, на пример, заработува и пријавува приход од 20.000,00 денари месечно, извршило поврат на средства од ДДВ за потрошени 30.000,00 денари месечно и дали ова ќе е индикатор за надлежните органи за преземање дополнителни активности за проверка на потекло на средствата во насока дали тие се претходно оданочени. Последново е суштинско за намалување на даночната евазија.

Важно е и прашањето колку чини системот преку кој се спроведува Проектот „Мој данок“, бидејќи „Мој данок“ е наш данок и за да се цени неговата успешност неопходно е да се знае колкави се трошоците за неговото спроведување наспроти ефектите кои се очекуваат. 

Да се надеваме дека овој проект ќе ги даде очекуваните резултати, бидејќи за бизнис секторот, односно за деловните субјекти кои плаќаат даноци и го полнат државниот Буџет намалувањето на даночната евазија и преку неа справувањето со нелојалната конкуренција се од најголема важност. Времето ќе покаже...