РАЗЛИКА, СТРАТЕГИЈА, ПЕНАЛ...

   

👁 Прочитано: 484


РАЗЛИКА, СТРАТЕГИЈА, ПЕНАЛ...

01.09.2004 г, ул. „Димитрие Чуповски“, 13, подрум – пет камиони ѓубре, шест дотрајани и расипани шапилографи од пред Втора светска војна, каде што се печати билтенот на СКМ, а меѓу нив Сузе, која како некој дух стои таму. На приземјето доминира „Мекдоналдс“, а во другиот простор на зградата 80-ина вработени со отворени врати набљудуваат кој оди кај претседателот на Комората. Две млади дами, Јелисавета и Билјана, кои меѓу постарата структура изгледаат како врска со новото време што доаѓа. Членки сѐ помалку, чланарини исто така, а трошоците ги надминуваат приходите повеќе од трипати. На сето згора, трансформација од задолжително во доброволно членство, плус коморски плурализам.

01.09.2019 г. – во подрумите нема ѓубре, а Сузе е ценет работник во сметководството. Наместо билтен има современ портал. Наместо „Мекдоналдс“ доминира „Кожувчанка“, а педесетина вработени се сместени само на два ката. Другото се издава. Ели е потпретседател на Комората, Биљана извршен директор, а приходите ги надминуваат расходите секоја година во просек за десет процентни поени.

Е, има разлика? Има. Има затоа што има стратегија. Од 2005 до 2010 г. застанавме на нозе. Во 2010 г. направивме програма за нов економски развој. Во 2015 г. ја променивме стратегијата и почнавме да бараме сојузници за остварување на нашите цели. Имавме среќа, па така денес имаме премиер кој доаѓа од приватниот сектор,  заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и министер за финансии, исто така, од приватниот сектор. Дел од членовите на Владата, исто така, потекнуваат од приватниот сектор. Една петтина од Парламентот, исто така, има директна врска со приватниот сектор. Епа топката е на пеналот. Академикот Фити, претседател на МАНУ, деновиве рече дека 2019 г. не може да биде година на економијата, но ние сакаме барем четвртиот квартал да биде тоа. Нашите предлози, кои се плод на сериозен интелектуален, стручен и на професионален капацитет, сега можат да бидат сериозно продискутирани и низ аргументирана расправа да дојдеме до најдобрите решенија од интерес и на приватниот и на јавниот сектор.

Затоа, го повикувам целокупниот приватен сектор, во наредниот период, на сите места и во сите прилики, отворено да лобира и да зборува за клучните проблеми во нашето работење. Тоа се: членот 218 од Законот за извршување; донесувањето на Законот за холдинг-друштвата; новиот систем на признаени расходи во компаниите; елиминирањето на вонтарифните зафаќања од приватниот сектор и ДДВ-то при увоз на репро-материјалите, кои треба да бидат уште еднаш проанализирани. Ако на тоа се надодадат и веќе позитивните мерки со Фондот за иновации и со директната поддршка на компаниите од индустријата и извозот, како и престојната реорганизација на МБПР и минатонеделното менување на режимот за премин на границата со Србија, тогаш ќе се подигне толку потребниот ентузијазам кај компаниите. На прес-конференциите во Комора ги повикувам да се појават лично и менаџерските тимови на компаниите и сите други претставници на приватниот сектор, кои ќе дадат поддршка за оваа стратегија, во која приватниот сектор си го бара заслуженото место. Убеден сум дека со нас ќе бидат и странските инвеститори, кои, исто така, се заинтересирани за овие прашања.

VLADAVLADAVLADA

Сега веќе нема изговори. Треба акција. Приватниот сектор ги има потребните предлози поддржани од сериозни анализи и од сериозни меѓународни, економски институти. Министерствата од економскиот сектор, кои ги водат луѓе што имаат сопствено искуство во приватниот бизнис, треба да ги преточат во законски решенија. Владата, на чие чело се наоѓаат, исто така, претставници на приватниот сектор, треба да одлучи, а Парламентот, во кој исто има претставници на приватниот сектор, сето тоа да го верифицира. Нема точка во овој процес каде што нема претставници на приватниот сектор. Затоа уште еднаш ќе повторам – топката е на пеналот. Треба да се шутира.

П.С. Активностите за нови предлози на Комората, кои ќе го надоградат бизнис-амбиентот, се веќе започнати. Минатонеделната трибина за владеење на правото го скрши мразот по годишните одмори. Продолжуваме кон средината на месецот со нов предизвик – Трибина за улогата на коморите во создавањето кадар за потребите на стопанството. Во меѓувреме се изготвуваат сериозни анализи за диверзификацијата на извозот; за проектот за поддршка на компаниите од страна на Фондот за иновации и на Светска банка; за ефектите од промената на даночната регулатива од рамен во прогресивен данок и за користењето на капиталните инвестиции. Со Владата разговараме и за новиот Закон за субвенционирање на придонесите и за некои други иницијативи во најава, за кои ќе прочитате во наредните мои обраќања.