ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ДАНОЦИ И ЦАРИНИ
11.09.2019 👁 Прочитано: 566

НОВ МЕХАНИЗАМ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ДАНОЧНИТЕ СПОРОВИ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА


Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Вообичаени начини за елиминирање на непожелните ефекти на меѓународното двојно оданочување, покрај унилатералните мерки кои се инкорпорирани во националните законодавства се и билатералните и мултилатералните спогодби и договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот и капиталот. Сепак и во услови на постоење на вакви меѓународни договори, во некои домени во пракса се јавуваат спорови помеѓу различните даночни јурисдикции.

Судир на даночни јурисдикции настанува кога две или повеќе држави чиишто резиденти/државјани се вклучени во меѓународните трансакции на производи, услуги, капитал, технологија, интелектуална сопственост и труд настојуваат да оданочат ист даночен обврзник за ист објект на оданочување, во исто време со идентичен вид на данок (меѓународно двојно оданочување).

Различното толкување од страна на различни држави на одредбите од договорите и конвенциите за избегнување на двојно оданочување создаваат сериозни даночни препреки за претпријатијата кои работат надвор од границите на сопствената држава, а последиците од истото се прекумерно даночно оптоварување и негативни импликации врз меѓународната трговија.

Согласно одредени проценки, само во рамките на Европската унија постојат околу 2.000 даночни спорови поврзани со примена на договорите и меѓународните конвенции за избегнување на двојно оданочување, кои се со вредност од околу 10,5 милијарди евра.

Со цел надминување на ваквите состојби, во рамките на Европската унија се предвиде нов механизам за решавање на даночните спорови во врска со толкувањето и примената на билатералните и мултилатералните спогодби и договори за одбегнување на двојното оданочување, кој треба да обезбеди правна сигурност и праведни даночни системи во Унијата.

Од почетокот на јули оваа година стапи на сила Директивата за механизмите за решавање на даночните спорови во Европската унија (ЕУ) 2017/1852 (Council Directive (EU) 2017/1852 of 10 October 2017 on tax dispute resolution mechanisms in the European Union), со која се утврдуваат правата и обврските на обврзниците и државите членки во случај на настанување даночен спор во врска со двојно оданочување на приходот и капиталот.

Новиот механизам предвидува право на даночните обврзници кои се соочуваат со даночни спорови кои произлегуваат од нивната меѓународна активност во рамки на ЕУ да покренат постапка за спогодбено решавање на спорот со земјите-членки. Доколку спорот не се реши спогодбено во рамки на предвидениот период од две години, даночниот обврзник може да побара формирање на Советодавна комисија за алтернативно решавање на спорови составена од три независни членови именувани од засегнатите земји-членки и претставници на соодветните надлежни органи. Советодавната комисија за алтернативно решавање на спорови мора да го реши спорот и да одлучи во рок од шест месеци, со донесување на одлука која е извршна и која засегнатата земја-членка мора да ја спроведе. Ако Советодавната комисија за алтернативно решавање на спорови не се основа во предвидените рокови, даночниот обврзник има право да се обрати за одлучување и за заштита на неговите права до надлежниот национален суд. Остварување на своите права согласно новата Директива даночните обврзници може да бараат за даночни спорови кои се настанати во врска со остварени приходи од доход или капитал во 2018 година, но со согласност на надлежните органи овој механизам може да се применува и за даночни спорови кои се однесуваат на претходни периоди.

Анета Димовска

Македонија има склучено 48 договори за избегнување на двојно оданочување, од кои половината се со земји-членки на Европската унија, па оттаму, а соодветно на нашиот кандидатски статус за членство во Унијата, нашата регулатива мора да се приспособи во конкретниот сегмент со барањата кои произлегуваат од Директивата за механизмите за решавање на даночните спорови во Европската унија (ЕУ) 2017/1852. Во иднина, во случај на примена на новиот механизам за решавање на даночните спорови во врска со толкувањето и примената на билатералните и мултилатералните спогодби и договори за одбегнување на двојното оданочување ќе се зголеми правната сигурност на македонските фирми кои остваруваат приходи од доход и капитал во рамки на Европската унија.

НОВ МЕХАНИЗАМ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ДАНОЧНИТЕ СПОРОВИ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА