Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
АКТУЕЛНО
27.09.2019 👁 Прочитано: 840

МЕДИЈАЦИЈАТА И АРБИТРАЖАТА - АЛАТКИ ЗА ЕФИКАСНО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИТЕ


Во периодот 25 - 26 септември 2019 година, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Европскиот институт за јавна администрација (ЕИПА), се одржа советување на тема „Медијација и арбитража“, во рамките на кое учество како говорници земаа д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, лиценциран медијатор и лиценциран обучувач на медијатори и проф. д-р Татјана Зороска-Камиловска, потпретседател на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, кои во своите излагања говореа за предностите на алтернативното (вонсудско) решавање на споровите и придобивките за бизнис заедницата од договарањето медијација и арбитража како алатки за ефикасно решавање на споровите во деловното окружување.

Д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска истакна дека во насока на реализирање на аспирациите за членство во европското семејство и доследно почитување на начелото на владеење на правото потребно е растоварување на државните судови од бројот на судски предмети и преземање активности за подигнување на свеста и промоција на методите за алтернативно решавање на споровите, што е една од препораките на Европската комисија во Извештајот за напредокот на Република С. Македонија за 2019 година. „Комората како активен чинител во процесот на афирмирање на алатките за алтернативно решавање на споровите континуирано дејствува во насока на промоција и развој на медијацијата, а придобивките од нејзината примена се многубројни – медијацијата придонесува за скратување на времетраењето на споровите, намалување на вкупните трошоци, непристрасност во одлучувањето и обезбедува ефикасност, правичност и доверливост на постапката,“ – заклучи д-р Георгиева-Јовевска.

Говорејќи за договарањето и примената на арбитражата како алтернативен метод за решавање на споровите, проф. д-р Татјана Зороска-Камиловска се осврна на работењето на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија како единствена функционална постојана арбитражна институција со долгогодишно искуство и стекнат углед во регионални рамки на полето на арбитражното решавање на споровите. „Бројот на предмети заведени пред Арбитражата континуирано се зголемува во последните години, а просечното времетраење на арбитражните постапки се намалува, при што во 2018 година просечното времетраење на постапките изнесувало 186 дена (околу 6 месеци). Статистичките податоци од работењето на Арбитражата покажуваат дека во земјата речиси подеднакво се поведуваат арбитражни постапки со и без меѓународен елемент, додека повеќето побарувања во споровите иницирани пред Арбитражата биле по основ долг, надомест на штета и друго, а повеќето од тие побарувања произлегле од договори за градење, трговски договори, договори за испорака на стоки, договори за вршење на услуги, јавни набавки и други, - информираше проф. д-р Зороска-Камиловска.

Во насока на унапредување на регионалната соработка и ефикасно решавање на споровите, Стопанската комора на Македонија како бизнис асоцијација основач на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), прашањето за промоција и развој на алтернативното решавање на споровите го третира и на меѓународен план. Во таа насока, во рамки на КИФ коморите го покренаа прашањето за воспоставување заеднички регионален арбитражен суд и регионален центар за медијација, кои како институции ќе бидат надлежни за решавање на споровите меѓу деловните субјекти од регионот, но и пошироко, што ќе придонесе за решавање на меѓусебните стопански спорови на побрз и поефикасен начин, а со тоа и надминување на проблемите во правосудството и олеснување на пристапот до правдата.

м-р Нена Николовска

МЕДИЈАЦИЈАТА И АРБИТРАЖАТА - АЛАТКИ ЗА ЕФИКАСНО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИТЕ
МЕДИЈАЦИЈАТА И АРБИТРАЖАТА - АЛАТКИ ЗА ЕФИКАСНО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИТЕ