Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ВО ПОСЕТА НА КОМПАНИИТЕ
07.11.2019 👁 Прочитано: 352

БРЗИ И КВАЛИТЕТНИ УСЛУГИ ПРЕДУСЛОВ ЗА ДОЛГОГОДИШЕН УСПЕХ


На работната посета на Бис Оил која Нена Николовска и Перо Авакумовски од Стопанската комора на Македонија ја остварија со директорот на компанијата, Имер Селмани се разговараше за состојбите во трговијата со масла и автоделови, притисокот од конкуренцијата во дејноста во глобални рамки, како и за предусловите кои треба да ги исполни една компанија за долгогодишен успех на пазарот.

Основана уште во далечната 1992 година, Бис Оил е докажана компанија во трговијата на големо со масла и мазива, а подоцна и со автоделови за патнички, товарни возила и индустриски машини. Во првата деценија од постоењето компанијата станува   овластен дистрибутер за Castrol за Македонија, како и за Robert Bosch автоделови и дијагностика, а подоцна со развојот на дејноста и за OMW Petrol Ofisi.

Освен гореспоменатите светски познати брендови Бис Оил нуди и широка палета на производи од неколку врвни премиум производители како: Luk, INA, FAG, Febi, Blue Print, BP масла, FIL филтри, ICER плочки за кочници, ABRO автокозметика и автододатоци и друго.

Посветена на воведување на новини на пазарот компанијата ги имплементира најсовремените производи, технологии и стандарди кои важат во дејност, а се однесуваат на возилата и машините на клиентите.

Од неодамна Бис Оил ја диверзифицира деловната активност и во градежниот сектор. Компанијата е инвеститор GARRDEN INN RESIDENCE – современ станбено – деловен комплекс кој дава посебен архитектонски белег на населба Влае со површина од 22.580 м2 и располага со 148 станови, 24 дуплекси и 12 вили. Посебно обележје на објектите во рамки на комплексот претставуваат зелените покриви, а надворешниот дел на комплексот е уреден со богато зеленило и осветлување.

м-р Нена Николовска