ВАЖНИ ИЗМЕНИ КАЈ ДАНОКОТ НА ЛИЧЕН ДОХОД

   

👁 Прочитано: 1595


ВАЖНИ ИЗМЕНИ КАЈ ДАНОКОТ НА ЛИЧЕН ДОХОД
Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Во собраниска процедура се наоѓа Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход со кој се предвидува во следните три години да се стави во мирување примената на прогресивните стапки (10% и 18%) на оданочување на доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи. Исто така, се предлага во мирување да биде ставена и стапката од 15% која се применува при оданочувањето на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, осигурување и друг доход. Согласно овој предлог во наредните три години споменатите видови на доход ќе бидат оданочувани само со стапка од 10%.

За доходот од игри на среќа останува во примена стапката од 15%.

Покрај овие измени, кои во јавноста беа анализирани, дискутирани и најавени, со Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход се предвидуваат и други значајни новини, кои се однесуваат на прашања за кои исто така реагираа различни засегнати субјекти, првенствено во делот на оданочувањето на капиталните добивки кои се остварени од продажба на хартии од вредност и оданочувањето на каматите на депозити.

Имено, новина во Законот е тоа што за доходот од капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност или удели издадени од инвестициски фонд се предвидуваат две стапки по кои ќе се плаќа данокот на доход. Ако лице оствари доход од продажба на хартии од вредност или удели издадени од инвестициски фонд кои ги поседувал во период пократок од една година, данокот ќе го плати по стапка од 15%, а доколку ги поседувал за период од една до 10 години, по стапка од 10%. За капиталните добивки кои се остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд кои лицето ги поседува во период подолг од 10 години се предвидува да не се плаќа данок на доход . Значи, до 10 години ќе плаќа данок по стапка од 10%, а потоа се ослободува. Ова решение, согласно предложениот Закон ќе се применува од 1 јануари 2023 година.

Новина за која исто така се предвидува примена од 1 јануари 2023 година е тоа што од даночен аспект се прави дистинкција на третманот на доходот од камати на орочени депозити и на доходот од камати на депозити по видување и трансакциски сметки . Имено, се предлага доходот остварен по основ на камати од орочени депозити да се оданочува по единствена стапка од 10%, а на доходот од камати на депозитите по видување и трансакциски сметки, да не се плаќа данок . За потсетување, досегашното законско решение предвидуваше ослободување од данок на доходите од камати на депозити во износ до 15.000 денари и оданочување на истите по стапка од 15%, со почеток од 01 јануари 2020 година. Со новото решение ова се укинува.

Дополнително, Предлог законот предвидува од 01 јануари 2020 година да не се плаќа данок на доход и на следните надоместоци:

- еднократниот надоместок - испратнина на работниците при откажување на договорот за вработување од деловни причини , согласно закон;

- надоместоци на трошоци за хотелско сместување во хотели со категорија до четири ѕвездички и во износ најмногу до 6.000 денари дневно и надоместоци на трошоци за превоз на лица кои не се вработени кај исплатувачот , а се ангажирани во функција на дејноста на исплатувачот (во земјата и во странство), утврдени врз основа на соодветни документи;

- надоместоци на трошоци за хотелско сместување во хотели со категорија до четири ѕвездички, превоз и надоместоци за трошоците за виза, за лица кои учествуваат во образовни и научни активности или настани на научни и образовни институции во земјата и во странство , утврдени врз основа на соодветни документи.

Исто така, се предвидува данок на доход да не се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на хартии од вредност, кои се стекнати со емисија на хартии од вредност реализирана како иницијална јавна понуда.

Предлог законот содржи и измени на прекршочните одредби во делот на глобите. Имено, за најголемиот дел од прекршоците глобите се намалуваат на ниво од 100 до 250 евра во денарска противвредност (наместо досегашните 400 евра во денарска противвредност за прекршок ако евиденцијата и документацијата не ја чува во деловната просторија, 500 евра во денарска противвредност за прекршок ако деловните книги ги води неажурно и 1.000 евра во денарска противвредност ако не поднесе пресметка и даночен биланс во пропишаниот рок, не ги води или неточно ги води деловните книги и истите не ги чува најмалку пет години).

Ако не го пресмета данокот и не го уплати на соодветната сметка и ако не се придржува кон обврските пропишани во закон за аконтацијата на данокот, наместо досегашната глоба од 3.000 евра во денарска проттивредност и 30% од одмерената глоба за одговорното лице во правното лице се предвидуваат глоби во износи од:

- 300 до 1.000 евра за правно лице – исплатувач на доход микро трговец и од 50 до 250 евра на одговорно лице во правното лице;

- 600 до 2.000 евра за правно лице – исплатувач на доход мал трговец и од 100 до 500 евра на одговорно лице во правното лице;

- 1.800 до 6.000 евра за правно лице – исплатувач на доход среден трговец и од 150 до 500 евра на одговорно лице во правното лице и

- 3.000 до 10.000 евра за правно лице – исплатувач на доход голем трговец и од 200 до 500 евра на одговорно лице во правното лице.

Доколку трговец кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало не достави Извештај до органот за јавни приходи за корисниците на продажните места на зелените пазари предвидени се глоби во зависност големината на организаторот (од 300 до 1.000 евра за микро трговец, од 600 до 2.000 евра за мал трговец, од 1.800 до 6.000 евра за среден трговец и од 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец), како и соодветни распони на глоби за одговорното лице во правното лице. Согласно постојните законски одредби за истиот прекршок за трговец кој организира зелен пазар глобата изнесува 3.000 евра во денарска противвредност и 30% од одмерената глоба за одговорното лице во правното лице.