„БЕТОН“ АД - СКОПЈЕ – ДЕЦЕНИСКО ИСКУСТВО И ПОСВЕТЕНОСТ ВО РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ГРАДЕЖНИ ПРОЕКТИ

„БЕТОН“ АД - СКОПЈЕ – ДЕЦЕНИСКО ИСКУСТВО И ПОСВЕТЕНОСТ ВО РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ГРАДЕЖНИ ПРОЕКТИ

Основана во далечната 1947 година, „БЕТОН“ АД - Скопје денес претставува современа, технолошки опремена градежна компанија, со богато искуство и бројни референции во сите сегменти на градежништвото на домашниот и на странскиот пазар. Со својот стручен тим и современа опрема, компанијата е една од предводниците во градежниот сектор, подготвена да одговори на предизвиците на модерната архитектура и на современите градежни оперативни зафати.

„БЕТОН“ АД - Скопје е долгогодишна и реномирана компанија-членка на Стопанската комора на Македонија која е активно вклучена во работењето на органите и телата на Комората и во Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората.

Актуелните прашања во градежништвото, покренатите иницијативи на Стопанската комора на Македонија за унапредување на состојбите во повеќе економски сектори, како и тековните и планираните активности на „БЕТОН“ АД - Скопје беа предмет на дискусија во рамки на работната средба која претставници на Комората ја остварија со Коста Глигориевски, генерален директор, Горан Мауровски, директор на контролинг и известување и Илија Марков, технички директор на компанијата.

На средбата беше оценето дека има простор за унапредување на законската регулатива во повеќе области (работните односи, трговските друштва, даночната област и други), нагласувајќи дека при подготовката на законите е неопходен системски пристап и нивна подготовка во консултација со приватниот сектор, како и дека законите треба да претставуваат правна рамка која ќе остави простор за нејзино доуредување со подзаконски акти и договори за конкретни прашања меѓу засегнатите страни. Дополнително, се дискутираше и за градежните активности на македонските компании во странство, при што беше истакнато дека има домашни компании кои се докажани во реализацијата на сериозни градежни проекти во земјите од регионот и пошироко, но за жал истите се се` помалку присутни на странските пазари. Во таа насока, беше истакнато дека е потребно во следниот период во соработка со надлежните институции да се отвори дискусија и да се изнајдат соодветни механизми со кои ќе се овозможи поддршка на домашните градежни компании за работа и настап на странските пазари.

ДГ „БЕТОН“ АД - Скопје во рамките на своето повеќедецениско искуство е докажана компанија во реализацијата на градежни работи од областа на високоградбата (административни, станбени објекти), нискоградбата (патишта, мостови, тунели) и хидроградбата (брани, хидросистеми). Покрај со градилиштата, компанијата располага и со производствени капацитети – погон за механизација, со голем број машини и возила, бетонска и асфалтна база.
 
м-р Нена Николовска

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија