ИЗМИНАТИТЕ 30 ГОДИНИ НЕ УСПЕАВМЕ ДА СОЗДАДЕМЕ СОВРЕМЕНА, А ВЕРОЈАТНО НИТУ ОБИЧНА ДРЖАВА, ОЦЕНУВА АЗЕСКИ И ДОДАВА ДЕКА ЕДНО ОД НАЈТЕШКИТЕ И НАЈГОЛЕМИ ПРОМАШУВАЊА Е ОБРАЗОВАНИЕТО

   

👁 Прочитано: 1514


ИЗМИНАТИТЕ 30 ГОДИНИ НЕ УСПЕАВМЕ ДА СОЗДАДЕМЕ СОВРЕМЕНА, А ВЕРОЈАТНО НИТУ ОБИЧНА ДРЖАВА, ОЦЕНУВА АЗЕСКИ И ДОДАВА ДЕКА ЕДНО ОД НАЈТЕШКИТЕ И НАЈГОЛЕМИ ПРОМАШУВАЊА Е ОБРАЗОВАНИЕТО

Пренесено интервју на претседателот Бранко Азески за МИА .....

Ако не ги средиме состојбите во правосудството и ако конечно не завладее правото, бизнисот ќе го изнесе капиталот надвор, ќе регистрира компании во Прешево, Сандански, Солун… Администрацијата мора да добие нов лик. Тоа е канцер што ќе го уништи нашиот организам и нас самите. НАТО и ЕУ да, но ни требаат нови пазари, ни требаат јаки институции, а не личности. Кон што да се насочиме? Кон градење модерна инфраструктура, кон развој на рударството и минералните суровини (но, не давање концесии на странски компании), кон трансформација на лон-производството и, секако, кон создавање додадена вредност во земјоделството.

Ова се само некои од размислувањата и пораките на првиот човек на најстарото коморско здружување во земјава. Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во интервју за МИА укажува дека три децении живееме и работиме во грч, но и дека на секоја криза треба да се гледа позитивно, да се научи од неа нешто, посебно како да не се повторуваат грешките.

Изминатите 30 години не успеавме да создадеме современа, а веројатно ниту обична држава, оценува Азески и додава дека едно од најтешките и најголеми промашувања е образованието.

Смета и дека буџетските средства не се користат рационално, домаќински. Во овој контекст прашува, „зошто се вложени сериозни 70 милиони евра во стадион на кој се одиграни само два натпревара“.

Азески во интервјуто се осврнува на изборите, грчката кампања „Macedonia the GReat“, владините мерки за поддршка на бизнисот и минималната плата, пазарните односи со Русија… Особено ја нагласува потребата од одговорност и владеење на правото. Подвлекува дека ако некој извршил кривично дело, треба да одговара, а не да го користи плаштот на политиката или институцијата.

Претседателе, заокружуваме уште една економска година. Како накусо би ја оцениле и како би ја квалификувале ако направите паралела со состојбите во претходниот период? Бележиме ли фактички придвижувања и ако да, во кои сегменти? 

Изминатава, 2019-та, ќе биде забележана како година во која Владата се обидуваше да направи поголем исчекор надвор, отколку дома. Беше фокусирана на решавање на крупните политички прашања чие затворање треба да остави простор за развој на економијата. Ова беше и година во која требаше малку повеќе да се свртиме кон економијата, но разните динамики, особено она што се случи со датумот за почеток на преговорите со ЕУ, па ратификацијата на Договорот за НАТО, па имаше проблем со Договорот со Бугарија… не оставија простор за целосно да се посветиме на економијата онака како што сакаме. Ако во една реченица треба да ја сублимирам годината, ќе кажам дека е една нормална година во која се решаваа крупни и тешки надворешно-политички прашања кои, ако се решат како што сме предвиделе, ќе овозможат развој на економијата во наредниот период.

Во однос на секторите, нема некои кои се особено погодени или пак се афримирале. Можеме да зборуваме само за целата економија. Нашата оценка е дека во моментов нема загрозен сектор, барем не во оние фирми што се наши членки кои се меѓу најголемите во земјава по профит и број на вработени.

Можам да зборувам за добри статистички бројки, но во реалноста ситуацијата е по сложена. Сепак, имаме надеж дека решавањето на крупните прашања ќе остави простор за економијата.

Годинава имавме претседателски избори, а во април е сé поизвесно дека не очекуваат предвремени парламентарни избори. Работите како да се вртат во круг. Каде гледате излез од оваа „статус-кво“ ситуација која не држи во заложништво со години?

Кога ми го поставувате ова прашање, морам да се повикам на една мисла од покојниот академик Никола Кљусев кој во расправата за приватизацијата од 2007 година рече дека приватизацијата само по себе не беше грев. Грев е ако некој ја злоупотреби за политички цели. Можам да кажам дека ова одлично лежи на констатацијата за изборите. Изборите се алатка без која не може да постои демократскиот процес и ние не можеме да ги укинеме или да ги пролонгираме на осум или десет години за бизнисот да има бенефит. Тие треба да бидат ставени во своја функција, да не бидат злоупотребени и максимално да бидат кратки и ефикасни. Често го истакнувам примерот со Грција каде по секои избори, во понделникот сабајле кај претседателот на државата има едно свештено лице, новиот премиер полага заклетва и од тој ден е претседател на Владата со полни овластувања. Ако ништо друго, нека се оди таму и нека се види како тоа се решава.

Черчил рекол: демократијата е најлош облик на владеење или за подобар не знам. Така да, не знам што треба да направиме ама сигурно не можеме да ги укинеме изборите за некому да му е добро. Мислам дека е флоскула повторувањето дека изборите носат проблеми. Нашето залагање е што покус период, што помалку вонредни избори не зашто нам ни смета, туку зашто пушта лош сигнал надвор оти нешто невообичаено се случува кај нас, а тоа влијае на нашите позиции како бизнис.

Претседателе, не може да се изостави прашањето за кампањата „Macedonia the GReat“ на Грција…

Грција е сериозна држава, посебно на тој план. Имам големи искуства од работењето со нив и ако ме прашате за имплементацијата на Преспанскиот договор, мислам дека најголеми проблеми ќе имаме тука.

Грците се логистички организирани, многу сериозно поставени и имаат многу знаење во врска со европското право. Ние тука мислам дека стоиме многу слабо. Тоа не значи дека ќе ја изгубиме битката, туку дека треба да повлечеме странски експерти кои ќе ни помогнат. Не е доцна зашто рокот е до 2021 година. Ниту Комората, ниту државата имаат капацитет тоа прашање да го избоксуваат во директна корелација или ако го избоксуваме ќе биде тоа тешка борба од која ќе излеземе ранети, оштетени, повредени.

Неодамна се одржа Македонско-руски бизнис форум. На него присуствуваа премиерот, вицепремиерот за економски прашања, владини министри, а беше месец и пол – два откако не добивме датум за почеток на преговорите. Во јавноста се појавија шпекулации дека земјава почнува да се врти кон рускиот пазар како реакција на недобивањето датум. Дали и Вие препознавате нешто такво или влезот во Евроазиската унија за нас е опција плус?

Јас во моментов тврдам дека во земјава нема ништо сериозно што е врзано за некакво економско лобирање кон Русија и Евроазиската унија. Тоа се само оправдувања за неизврушвање на задачите и на трансформациите што треба да ги направиме. Евроатлантските интеграции се таргет и фокус на најголемиот број граѓани и на најголемиот број фирми. Сé повеќе се заговара дека нашето приближување кон ЕУ без разлика што имаме проблем околу процесот, треба да го направиме заради нас. Тие критериуми и стандарди нам ни се потребни.

Она што јас сметам дека треба да го кажам во односите со Русија е погрешната политика и срамот на раководствата на сите поранешни југословенски републики, освен Словенија, кои од не знам кои причини го напуштија рускиот пазар во почетокот на деведесетите години и на Словенците им ја препуштија целата размена. Словенците немаа комплекс да соработуваат со Русија, а сите ние имавме за да се докажеме на другата страна дека сме со неа и еве, нема да работиме со Русија. И згрешивме. Рускиот е милионски пазар и беше компатибилен со нашиот југословенски тогаш. Можевме да пополниме сериозна празнина, но сега не можеме да се вратиме на тој пазар зашто немаме ниту пари, ниту средства, ниту маркетинг, ниту можност. И таму каде што го правиме напор, оди со тешки маки и проблеми, со многу вложувања, зашто постоел дисконтинуитет. А тој дисконтинуитет во бизнисот некој го плаќа.

Јас сум „да“ за ЕУ и „да“ за НАТО, но ни требаат и други пазари, независно дали се тоа рускиот или пазарите на Блискиот Исток и Северна Африка. Тие се пазари со многу голема апсорпциска моќ за нашата извозна структура на производи.

Во овој контекст, би го спомнала МАГРЕБ. Стопанската комора одамна ја заговараше соработката со овие земји, но како да не сме слушнале подолго време ништо за тоа, за некакви иницијативи за настап на тие пазари

Тоа беше период во кој ние водевме политика што требаше да доведе до создавање правна основа за зголемување на економска активност со тие земји зашто немавме договори за избегнување двојно оданочување или заштита на инвестициите, признавање на визите,… Размената беше многу слаба, но ако сé ова може да се реши, значи голем поттик за понатаму.

Сепак, пазарите на Блискиот Исток, на Северна Африка и на поранешните советски републики се таргетот кон кој треба да се движиме со сегашната структура на производи што ги извезуваме. Цифрата од близу 80 отсто извоз во ЕУ е сериозен сигнал да се позанимаваме со прашањето на барање нови пазари. Треба да бараме партнери со кои тоа можеме да го направиме.

Да се вратиме повторно на политиката. Од овој месец стапи во сила минималната плата од 14.500 денари. Како ја оценувате оваа мерка, може да поттикне нешто или го потценува достоинството на граѓаните? 

Секогаш сум бил на ставот, а и денеска се држам до тоа, дека регулацијата на односите од страна на државата кон приватниот сектор е лоша работа. Приватниот сектор треба да ги има рамките во кои ќе се движи, да има полна слобода во својата интенција.

Ова малку ми личи на тоа, затоа им наредив на службите да проверат дали вакви договори, утврдувања на минимални плати се случуваат и во други земји. На мое големо изненадување, одговорот беше „да“. Во цела ЕУ има утврдување на минимална плата, земји кои ги сметаме за развиени, напредни.

Ако јас се прашувам, како личност, висината од 14.500 денари не само што е понижувачка, туку и самото отворање на тоа прашање е понижувачко. Треба да се тргнеме од тоа и да оставиме на приватниот сектор и на пазарот на работна сила да го решаваат ова прашање. Одиме кон пазарна економија и тоа треба да го правиме, а дали минималната плата ќе биде 14.200 или 14.800 денари сите сме свесни дека ништо не менува. Тоа го отвора прашањето на формирање многу посериозен социјално-економски совет од оној со кој располагаме денес, кој мора да биде во врвот на Владата со најрепрезентативните претставници на коморите и синдикатите. Не може да биде на ниво на министерството. Мора да има сопствен апарат и сопствени средства со кои ќе ја извршува функцијата. Тоа се елементи кои ќе овозможат вистински дијалог со приватниот сектор за да можат да се носат вистински решенија. На таков начин ќе се утврдат принципите, висината ќе ја утврдуваат работодавачите во договор со работниците и од тоа ќе зависи позицијата на фирмата, платниот биланс.

Неизбежно е и прашањето за прогресивниот данок, неговото ставање во мирување 36 месеци….

Во врска со ова прашање, Владата брзо увиде дека е грешка постапката на неконсултирањето со бизнис секторот. Но, не е проблемот во договарањето. Проблемот е во имплементацијата. Можеме сé да договориме, да спиеме во Владата, да бидеме уважувани, но проблем е ако тоа не се имплементира.

Страдаме од (не)имплемнетација зашто кога ќе дојдеме на првиот чекор каде што се дава отпор, зависно од тоа колкав ќе биде отпорот, ставовите се менуваат. Затоа, решението на нашите проблеми е имплементацијата, а не креирањето на законските решенија.

Како ја коментирате владината поддршка на приватниот сектор за зголемување на платите?

Тоа е симболично. Мислам дека Владата сакаше да го поттикне приватниот сектор да направи нешто повеќе што за мене е добар потег. Симболично покажа дека ќе направи нешто. Клучниот исчекор треба да го направи приватниот сектор, да ги зголеми платите, но без да ја загрози фирмата, на тој начин да го постигнеме степенот на достоинство, а и да решиме некои крупни прашања што се политички.

Дајте да се мрднеме и да се мафнеме од таа бројка 300 евра. Да одиме напред. Тогаш ќе решиме низа прашања, и за минимални плати и за стандард и за развој на демократија,…

Различни се оценките за Предлог-буџетот 2020 година…

Високите норми на однесување кои постојат во една сериозна фамилија и во една сериозна фирма, треба да постојат и во една сериозна држава. Не може да се има Буџет од 3,5 милијарди, а да не се води сметка за трошењето.

Секогаш сум избегнувал да зборувам за буџетот на начин кој луѓето и компаниите го очекуваат од мене зашто тоа е најсериозната алатка на владеењето и на остварувањето на програмските ветувања на една политичка партија. Буџетот рационално сигурно не се користи, зашто ништо не се користи рационално кај нас. Проблемот е кај нас, директно. Ја коментираме само позицијата на инвестициската потрошувачка, капиталните инвестиции зашто тоа е алатка преку која можеме да имаме економска активност.

Анализите покажуваат дека сите источни земји се развиваат со помош на средства од ММФ, Светска банка и од капиталните инвестиции во буџетите кои беа сериозно набилдани. Кај нас имаше огромен период во овие 30 години кога капиталните инвестиции се користеа со 30, со 50 отсто. Па и денес можеме да слушнеме такви работи.

Во овој контекст би сакал да прашам, зошто никој не се загрижи дека инвестиравме 70 милиони евра во стадион на кој се одиграни само два натпревара? Седумдесет милиони евра се сериозни пари. Зошто никој не рече да се стави некако во функција тоа чудовиште зашто сигурно и се одржува… Зборувам за сенсот на луѓето. Не гледам некој да напишал за тоа. Никаде, ниту една реченица: зошто е изградено, зошто се одржува и зошто не се користи?

Претседателе Азески, колку реално можеме да одиме напред, имаме ли визија каде движиме и што можеби треба да направиме на покус рок? 

Имаме кратко памтење. Да имавме подолго, ќе знаевме дека во овие 30 години почнавме со страв дека ќе дојде до интервенција на Армијата, таа ги откорна сите кабли и изнесе сé од државата, па останавме со 17 милиони марки девизни резерви. Веднаш потоа добивме ембарго, имавме блокада, потоа дојде до кризна ситуација на нашата граница со Косово, имавме 400.000 бегалци, па имавме наша воена криза, внатре во земјата, па кога се оправивме од тоа дојде светската криза во 2008 година, па дојде повторно нашата во 2012 година,… Ние што правиме? Постојано работиме во кризи. Како можеме да постигнеме нешто повеќе ако цело време сме во некаков грч?

Имаме успешни компании, 300 – 500 одлични фирми кои работат по сите критериуми на западниот систем. На тие луѓе треба да им дадеме ордени. Ние им даваме ордени на уметници и тоа е добро, ама не може да не се даде орден на ниту еден бизнисмен, на стопанственик кој 30 години вистински придонел низ сите овие процеси, опстанал, прави профит и вработува. Тие луѓе треба да се мотивираат некако зашто се патоказ за идните генерации.

Ако гледаме така, што се случило и од каде почнавме, тогаш треба да бидеме задоволни, а не разочарани, но тоа не ни дава право да не преземаме ништо, а ние точно знаеме што треба да преземеме.

Што треба да преземеме?

Треба да ги решиме трите клучни диспаритети. Тоа стоти пат го кажувам. Првата работа е односот меѓу капиталот и трудот зашто ниту работниците се задоволни од работодавачите, ниту работодавачите од работниците. Тоа сите го знаеме, само не сакаме да го констатираме и да седнеме да разговараме зошто е така и што треба да се направи да не е така.

Втората работа е што мора да се направи сериозна анализа на издржуваното и активното население зашто во ваков сооднос можеме само да крахираме. Опасно се приближуваме кон бројките на учество на Буџетот во Фондот за ПИОМ да ги товариме и тие на буџет и да дојдеме во ситуација на неиздржливост. Тој сооднос мора да се запази зашто го дава балансот, ја дава рамнотежата.

Третата работа е конечно да постигнеме политички консензус и при промена на власта правниот континуитет да опстои. Но, во сите сегменти. Ако има елементи за кривични дела, да се поведат. Не може да не важат одредбите зашто дошла друга власт. Не може дисконтинуитет да се создава. Тие ќе продолжат, а регуларните органи ќе си водат постапки.

На што алудирате?

Алудирам дека овие три имаат уште шест други диспаритети што мора да ги решиме.

Прво, пописот, зашто е срамно од 2001 година да нема попис не заради населението по национална основа, туку заради економските параметри. На база на што правиме ние проекции? На база на кои бројки? Тоа секој може да го оспори.

Второ, децентрализацијата. Измислуваме причини ако дојдела таква и таква ситуација, некој ќе направел ова или она. Се доведуваме во ситуација да имаме тотална централизација во која локалните власти не можат да инвестираат во ништо повеќе од тротоари. Затоа општините вака ни изгледаат и затоа овој диспаритет е толкав и како ламја ќе не изеде. До 1990 година во општините имавме влади со изворни приходи на финансирање, а денеска имаме трансфер органи со превработеност и единствена инвестициска активност тротоар. Па откопај го тротоарот, закопај го. Толку ни се можностите. И тоа сите го промовираат.

Трето е прашањето на позицијата на корективните органи на власта. Што се случува со коморите, синдикатите, МАНУ, универзитетите, медиумите, невладиниот сектор,…. Вкупно 196 факултети и 130 средни школи и што? Демек, констатиравме? А што презедовме околу тоа? Дали сите ние можеме да влијаеме на ова што го зборуваме? Дали влијаеме? Сигурно не, зашто ситуацијата ќе беше поинаква. Сме оставиле простор и сега сите зборуваме за другиот, а никој не зборува за сопствениот двор.

Ни треба амбинет во кој овие круцијални прашања нема да ги ставаме под тепих. До кога така ќе правиме? Тие ќе излезат на виделина.

Ќе си земам слобода во оваа прилика да го спомнам изборниот модел. Имаме изборен модел во кој може да се случат такви блокади во Парламентот кои ќе оневозможат донесување какви било акти и ќе го закочат работењето на економските субјекти и на егзистенцијата на државата.

Имаме и табуа за кои не смееме да разговараме и тоа е лошо. Тоа е нешто наметнато. Ако прозбориш за курсот на денарот, се сметаш за рушител на економскиот систем, а секаде во светот тоа може да биде сериозна алатка за поддршка на извозот.

Мислам дека треба да се вратиме на изворните, ефикасни решенија.

Зошто не ги кажуваме работите, зошто ги ставаме под тепих?

Зашто не сакаме да се соочиме со реалноста, зашто треба да се плати цена за тоа. Веројатно цената е превисока. Ако дефинираме што е потребно, потребна ни е дискусија, вистинска дискусија во која ќе се почитуваме и во која ќе важи мнозинското мислење поткрепено со најмногу аргументи.

Имаме ситуација кога човек што вечерта е обвинет, иако е се уште невин според пресумпцијата на невиност, но, излегува веднаш на телевизија, уште во четири часот, и вели дека против него е поднесена пријава поради политичката припадност. Со тоа е веќе амнестиран. Готово. Дури нема потреба да има и судење. Тогаш да излезам и јас и да кажам дека мене ова и ова ми се прави дека сум од Стопанска комора. Не, ако сум извршил кривично дело, ќе одговарам, не може да се користи плаштот на политиката или институцијата.

Претседателе, и покрај сé ова што го констатиравте сте оптимист. Сметате дека имаме капацитет да смениме нешто. Зошто?

Зашто имаме сериозни бројки на вредности кои може да се стават во функција, а не се искористени. На пример, 5,2 милијарди депозити на граѓаните во нашите банки кои седат за камата од 0,5 отсто, не се користат. Тоа дава јасен сигнал дека нешто не е во ред штом тие пари не се користат за некаква инвестициска активност. Втората работа е, слушаме дека рудниците за кои добија концесија странски инвеститори, ќе правеле 400 милиони евра обрт. Тоа се површински копови. па што правевме ние 70 години? Зошто не ги отворивме и зошто не ги експлоатиравме? Има ли тука сериозен потенцијал? Има. Зошто даваме некој друг да го експлоатира?

Секоја сериозна држава прави анализа на додадената вредност на лонот. Колку ние лон во моментов произведуваме без додадена вредност? Тука се и зоните и не само текстилната, туку и кожарската индустрија, металургијата,… Што правиме за да субвенционираме дејности со висока додадена вредност? Неискористениот потенцијал во земјоделството, исто така. Туризмот, транзитот.

Како и да е, јас сум оптимист дека земјава во наредниот период ќе почне нов циклус, учејќи се на сопствените гешки кои ќе мора да си ги плати.

Мирјана Чакарова