„ГОЛД ЛАНД“ - НОВА ИНВЕСТИЦИЈА НА „ВЕЗЕ ШАРИ“
➢ Актуелно (24.12.2019)
👁 Прочитано: 2574



„ГОЛД ЛАНД“ - НОВА ИНВЕСТИЦИЈА НА „ВЕЗЕ ШАРИ“

Компанијата „Везе Шари“ најави нова инвестиција во околината на Прилеп. Поставен  е камен - темелник на проектот „Голд Ланд“, земјоделско-сточарски комплекс во чии рамки е предвидено изградба на центар за собирање и складирање на зрнести земјоделски култури и одгледување на говеда, со годишен капацитет од преку 1.000 грла како основен предуслов за намалување на увозот на говедско месо, за развој на сточарството и намалување на невработеноста.

Комплексот е заедничка инвестиција на бизнисмените Арбен Абдурахмани и Херман Семилер, основачи и сопственици на фирмата „Везе Шари“. Проектот е ко-финансиран од Европската унија, од Програмата на ИПАРД 2014-2020, ЕУ - можности за македонското земјоделство и руралниот развој. Станува збор за македонско-германска инвестиција во вредност од 4,5 милиона евра, од кои 1,5 милиона евра од ИПАРД 2 Програмата.

Еден од сопствениците, Арбен Абдурахмани, вели дека интенцијата е со ваков тип на  инвестиции да се обезбеди земјоделско-сточарски развој, да се намали увозот на говедско месо, да се отворат нови работни места и да се оформи регионален центар за откуп и складирање на земјоделски производи. Комплексот треба да биде готов до крајот на наредната година.

-Со проектот е предвидена и изградба на Центар за откуп и за складирање зрнести култури, кој ќе прерасне во регионален центар, со што ќе се овозможи загарантиран пласман на производите на земјоделците. Центарот ќе биде ставен во функција за пет месеци, а до крајот на 2020 година ќе се заокружи целиот комплекс „Голд ленд“. Во рамките на овој проект е изградбата на најсовремена фарма која ќе ги задоволува највисоките европски стандарди за одгледување и гоење на говеда со годишно производство на 1.080 грла во првата фаза, со што ќе се намали увозот на говедско месо, ќе се развива сточарството и ќе се намалува невработеноста. Групацијата „Везе шари“ има 140 вработени и со овој комплекс ќе стигне до 200 вработени, - рече Абдурахмани.

Инвестицијата беше одбележана во присуство на претставници на Делегацијата на ЕУ во земјата и високи владини претставници. 

„ГОЛД ЛАНД“ - НОВА ИНВЕСТИЦИЈА НА „ВЕЗЕ ШАРИ“

Горан Попоски