ДАНОЦИ И ЦАРИНИ, РЕАЛИЗИРАЊА И ОЧЕКУВАЊА

   

👁 Прочитано: 1411


ДАНОЦИ И ЦАРИНИ, РЕАЛИЗИРАЊА И ОЧЕКУВАЊА
Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Иако е клише да се пишува за постигнувањата во текот на годината и плановите за наредната, постои нешто во атмосферата на крајот на декември што поттикнува да размислуваме за постигнатото и да ги планираме идните активности.

Веројатно се должи на општата раздвиженост во последните денови од 2019 година, на прославите по угостителските објекти, на светкавите украсени улици, на гужвите по продавниците... Така, во предновогодишно расположение започнувам со пишување на последниот текст годинава, а во него ќе се обидам да ги прикажам најзначајните случувања од областа на даночната и царинската политика кои се реализираа, но и на очекувањата за наредната 2020 година.

Секако, најзначајниот настан од областа на даночната политика кој ја одбележа во 2019 година е воведувањето на прогресивно оданочување кај данокот на личен доход (по стапка од + 18% на делот од доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи над 1.080.000 денари), како и зголемувањето на даночната стапка од 10% на 15% за доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, добивките од игри на среќа, доходот од осигурување и друг доход.

Уште позначаен настан е одложувањето на примената на делот од Законот кој се однесува на повисоките стапки на данок на личен доход до 2023 година. Значи, двата најзначајни настана од областа на даночната политика во 2019 година се воведувањето и одложувањето на примената на прогресивното оданочување со данок на личен доход.

Стопанската комора на Македонија во повеќе наврати реагираше на воведувањето на прогресивното оданочување врз основа на анализи и спроведени анкети меѓу членките, што дава за право да веруваме дека одигравме значајна улога во одложувањето на примената. Сепак, останува убедувањето дека целосното укинување на повисоките даночни стапки ќе дадеше подобри ефекти, од причина што ќе влијаеше на јакнење на довербата кај даночните обврзници кои се одлучиле своите доходи да ги „преселат“ во соседните држави и можеше да има влијание врз даночниот морал и враќање на доходите во Македонија.

Од останатите решенија од областа на даночната политика вредно е да се споменат новиот Закон за акцизи (кој патем пред да почне да се применува претрпе неколку измени) и новиот Законот за данок на моторни возила.

Ефектите од овие два закона дополнително ќе ги оценуваме во 2020 година.

Кај данокот на додадена вредност како најзначајни се промените поврзани со зголемувањето на прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари, како и скратувањето на периодот во кој даночниот обврзник кој е регистриран за цели на данокот на додадена вредност останува во системот од пет на три години.

Во 2019 година едно од клучните барања на компаниите - членки на Стопанската комора на Македонија беше барањето за ревидирање на царинската политика, од аспект на ревидирање на нивото на царинска заштита на домашната економија. Производството на нашите компании кои се извозно ориентирани е силно условено од увоз на суровини и репроматеријали кои не се произведуваат кај нас, а истите често се увезуваат од некои азиски држави или други земји кои не се членки на ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Турција и Украина. Наместо системски да му се пристапи на ова барање се донесоа повеќе автономни мерки за укинување на царините при увоз само на некои суровини и репроматеријали, што само привремено решава проблем на одредени компании.

Во 2020 година остануваме на барањето за ревидирање на царинските стапки бидејќи ние мора да размислуваме долгорочно и системски да ги поддржиме индустриите кои може да имаат компаративна предност и кои се важни за националната економија. Развојната функција на царините во наши услови мора да е пред фискалната, односно на царините не смее да се гледа единствено како на извор на приход во државниот буџет, туку како на „алатка“ која креаторите на политиката можат да ја употребат за зголемување на конкурентноста на домашната економија.

Во 2020 година остануваме и на барањата за:

- борба против затајувањето на данокот и спречувањето на шверцот кои го нарушуваат амбиентот за работа на фирмите и граѓаните кои се посветени кон исполнување на даночните обврски;

- создавање на едноставен систем на неданочни и парафискални давачки, со цел да се обезбеди чувство кај бизнисот и граѓаните дека добиваат дополнителни права, услуги и стоки од јавниот сектор за цената која ја плаќаат;

- укинување на нецаринските бариери, сведувањето на царинските мерки на минимум во регионот, меѓусебното признавање на сертификатите и олеснување на протокот на стоки во регионот, што е императив за создавање на конкурентен регион и

- предвидливост и задолжителна консултација со деловната заедница при носење на регулатива од даночната и царинската област.

Така, за старите барања ќе продолжиме да се залагаме со единствена цел заштита на интересите на членките на Стопанската комора на Македонија, обезбедување на пристојни и предвидливи услови за бизнисот.

ДАНОЦИ И ЦАРИНИ, РЕАЛИЗИРАЊА И ОЧЕКУВАЊА

Извесно е дека секогаш ќе има нешто старо во новата година, но крајот на годината го поттикнува чувството на оптимизам. Велат, оптимистите остануваат до полноќ, за да ја пречекаат новата година, а песимистите за да се уверат дека старата ќе си оди.

Како и да е, да и` дадеме шанса на 2020, да ја пречекаме... Нека истата донесе подобри деловни резултати за членките на Стопанската комора на Македонија од претходната, нека носи просперитет, здравје и среќа на вработените во компаниите и нивните семејства.

П.С. На колегите од Стопанската комора на Македонија им се заблагодарувам за срдечниот прием во институцијата, за соработката и професионалниот однос.

На сите им посакувам здравје, среќа и љубов во Новата 2020!