ФЕЉТОН: ОБРАЗОВАНИЕ НА 21 ВЕК – II продолжение
ИНВЕСТИРАЊЕ ВО НАСТАВНИОТ КАДАР
ФЕЉТОН: ОБРАЗОВАНИЕ НА 21 ВЕК – II продолжение

Образованието има важна функција и претставува двигател на развојот на општеството. Влијанието на образованието и неговите последици се чувствуваат во економијата, културата, науката, технологијата и на државата во целина. Затоа, секоја држава се стреми кон квалитетно образование, а со тоа и кон квалитетен и реализиран поединец. Поради важноста, државата пред се, мора да има дефинирана стратегија за целите и насоките во кои ќе се движи образованието. Тоа значи унапредување на квалитетот на образовните услуги и создавање вработливи, оспособени и конкурентни кадри. Дефинирањето на стратегијата значи да се опфатат сите фактори кои влијаат на квалитетот на образованието и реализација на главните императиви.

 

По презентирање на сегментот на финансирање на образованието како дел од вкупните состојби во секторот, во второт дел од темата Образование на 21-от век, согласно направената анализа на состојбите во образованието од страна на Стопанската комора на Македонија, продолжуваме со акцентирање на важноста и значењето од вложувањата во наставниот кадар, каков бенефит долгорочно има образовниот процес но и општеството во целина од соодветното вреднување на работата на наставникот.

  ИНВЕСТИРАЊЕ ВО НАСТАВНИОТ КАДАР

Следен фактор кој влијае на квалитетот на образованието е улогата на наставникот во образовниот процес и вреднувањето на неговата работа. Професијата наставник е една од најодговорните улоги во државата, а тоа повлекува да биде и една од најпочитуваните професии. Наставникот има има клучна улога во животот на децата и влијае на иднината на општеството во целост.

Според тоа, врвен приоритет на државата треба да биде привлекување на најдобрите наставници во професијата што зависи, пред се, од висината на платата, можностите за кариерен развој и работните услови .

  1. Вреднување на работата на наставниците

Висината на платата е важна мотивација за квалитетно работење. Висината на вкупната исплатена просечна нето плата во образованието изнесува околу 23.448 денари, додека висината на вкупната исплатена просечна нето - плата за последната, 2018 година во нашата држава, изнесува 24.276 денари. Но како податок, реалната нето исплатена плата на наставниците во основно образование изнесува е 21 . 669 денари или 394 долари, во средното изнесува 24.504 денари или 445 долари и во високото образование 34.438 денари или 626 долари.

Споредено со потрошувачка кошничка од 32.514 денари може да се заклучи дека не ги задоволува минималните потреби за еден пристоен живот, а не смеат да се занемарат и потребните дополнителни средства за други животни потреби, стручно усовршување, образование на нивните деца, одмор и сл . Разликата помеѓу потребните финансиски средства за задоволување на основните животни потреби (потрошувачка кошничка) и просечната исплатена нето плата во образованието изнесува 9.066,08 денари.

Овој податок укажува дека исплатената просечна нето – плата во образованието е под просечната нето-исплатена плата во државата и под износот на потрошувачката кошничка, што влијае на мотивацијата во работењето на наставниците, а со тоа и пад на квалитетот во образованието.

Доколку се направи споредба на растот на платата во образованието, од 2012 година до 2018 година, и растот на потрошувачката кошничка се забележува дека со растот на потрошувачката кошничка расте и платата, но сепак, до денес, вкупната исплатена просечна нето-плата во образованието не ја надминала потрошувачката кошничка.

Табела бр.1:Потрошувачката кошничка и вкупната исплатена просечна нето плата во образованието, во денари, по години

Извор: Државен завод за статистика

Табела бр.2:Разлика помеѓу потрошувачката кошничка и исплатената просечна нето плата во образованието Извор: Државен завод за статистика

Од направената споредба на разликата помеѓу потрошувачката кошничка и исплатената просечна нето-плата во образованието, за истиот период, прикажано во табела бр.2, се забележува дека со текот на годините разликата опаѓа, но факт е дека и во 2018 година има голема разлика, која изнесува 27,88 %.

Тоа укажува на еден негативен тренд на вреднување на работата на наставниците, што влијае на квалитетот во работењето кај наставниците.

Споредено со Словенија, каде постои систем на наградување согласно работното искуство, наставниците со помало работно искуство од 15 години, заработуваат во просек 28.823 долари годишно или 2.402 долари месечно. Наставниците со над 15 години работно искуство, земаат зголемена платата, и тоа 38.808 долари годишно или 3.234 долари месечно во основно образование и 40.351 долари годишно или 3,363 долари месечно за наставниците во средно образование. Споредувајќи со ОЕЦД просеците за плати, се добива податок дека платите на наставниците се под соодветните просеци од 36.900 долари за наставниците во основно образование, 40.600 долари за наставниците во средно образование и 42.800 долари за наставниците за високо образование, но сепак, се повисоки отколку во некои земји како Чешка, Естонија, Унгарија, Полска и Словачка. Во споредба со нашата земја каде нето-платата на наставниците во основно образование изнесува е 21.669 денари или 394 долари, во средното изнесува 24.504 денари или 445 долари и во високото 34.438 денари или 626 долари, разликата е премногу очигледна, а тоа влијае на мотивацијата за воспитување и образување на учениците.

Наставничката професија во Финска е ценета професија и платите на наставниците се конкурентни во споредба со другите професии. Годишната нето плата, која се исплаќа врз основа на работното искуство, за наставниците во основно образование изнесува 33.408 долари или 2.784 долари месечно, 36.081 долари или 3.007 долари месечно за наставниците од ниже средно образование и 38.261 долари годишно или 3.188 долари месечно за наставниците од средно образование. Над 15 години работно искуство, наставниците заработуваат повеќе и тоа 40.991 долари годишно или 3.416 долари месечно за наставниците во основно образование и 44.271 долари годишно или 3,689 долари месечно за наставниците во ниже средно образование и 47.789 долари годишно или 3,982 долари месечно за наставниците во средно образование . Споредено со нето-плата на наставниците во нашата држава по образовни сектори, очигледна е големата разлика со надоместокот на финските наставници. Од висината на платата и задоволството во работењето зависи мотивацијата на наставниците да се вложуваат во својата професија.

Кога станува збор за растот на просечната исплатена нето-плата на наставниците во нашата земја, може да се направи споредба со растот на просечната исплатена нето-платата во неколку барани сектори, како што се градежништво, информации и комуникации и финансиски дејности и дејности на осигурување. Во секторот градежништво вкупната просечно исплатена нето-плата во последната година изнесува 22.034 денари, во секторот информации и комуникации изнесува 44.094 денари, додека во секторот финансиски дејности и дејности на осигурување изнесува 41.408 денари. Споредувајќи со вкупната просечна исплатена нето-плата во образованието од 23.448 денари, образованието, заостанува само секторот градежништво, додека разликата помеѓу останатите два сектора изнесува околу 19.000 денари повеќе отколку во образованието.

Во табелата бр.3 е даден преглед на просечна исплатена месечна нето-плата во четирите сектори по години, во период од 2010 до 2018 година. Најмала просечна исплатена нето-плата бележи секторот градежништвото, ако се земе во предвид и образовната структура на вработените. Но, во овој сектор константно се вложувало во просечната исплатена нето-плата, која во 2015 година изнесувала 15.607 денари за да достигне 22.034 денари, во 2018 година. За разлика од овој сектор, секторот образование, во периодот од 2010 до 2018 година, бележи најмал раст на просечна исплатена нето-плата во однос на другите сектори и се уште е под вкупната просечна исплатена нето-плата во државата. Константен зголемен раст на просечна исплатена месечна нето-плата бележи секторот информации и комуникации.

Табела бр.3: Вкупно просечна исплатена нето-плата, во денари, по сектори и години

Извор: Државен завод за статистика

Овој индикатор покажува дека вложувањата во просечната исплатена месечна нето-плата во образованието се многу скромни со оглед на тежината и одговорноста на наставниците во развојот на иднината на детето и во улогата на развојот на економијата и општеството во целина.

Споредувајќи го растот на вкупната просечно исплатена месечна нето – плата во државата, секоја година со претходната и во сите четири сектори, во период од 2010 година до 2018 година, се забележува дека вкупната просечно исплатена месечна нето – плата е во постојан благ пораст. Најголем раст има во 2018 година од 5,89% во однос на 2017%.

Табела бр. 4:Раст на просечно исплатената нето – плата, споредувајќи ја секоја година со претходната година, од 2010 до 2018 година, изразено во проценти

Графикон бр. 1: Процент на раст на вкупната просечна исплатена месечна нето-плата, по години

 

Анализирајќи го процентот на растот на просечната исплатена нето-плата, по сектори и по години, во секторот градежништво, во 2010 година во однос на 2009 година бележи пад од -0,19 %, додека во наредните години бележи пораст. Најголем пораст има во 2016 година од 9,85 %, додека во 2018 година бележи пораст на просечно исплатена месечна нето – плата од 5,91% во однос на 2017 година, каде има пад од -1,87% во однос на 2016 година.

Графикон бр.2: Процент на раст на просечна исплатена месечна нето-плата, во секторот градежништво, по години

 

Секторот информации и комуникации, споредено од 2010 година до 2018 година, бележи највисок раст на просечно исплатената месечна нето – плата до 14,82% во 2018 година, што е причина за поголема заинтересираност за вработување во овој сектор, но и висок процент на квалитет во работењето на вработените.

Графикон бр.3: Процент на раст на просечна исплатена месечна нето-плата, во секторот информации и комуникации, по години

 

Секторот финансиски дејности и дејности на осигурување , споредувајќи од 2010 година до 2018 година, бележи наизменичен раст и пад на просечно исплатената месечна нето – плата, но сепак просечно исплатената месечна нето – плата е над вкупната просечно исплатената месечна нето – плата во државата.

Графикон бр.4: Процент на раст на просечна исплатена месечна нето-плата, во секторот финансиски дејности и дејности на осигурување, по години

 

Во секторот образование може да се забележи дека најголем раст на просечно исплатената месечна нето – плата имало во 2010 година од 6,53% во однос на 2009 година, кога просечно исплатената месечна нето-плата изнесувала 21,177 денари, додека во 2009 година изнесувала 19,878 денари. Голем раст повторно бележи во 2018 година, од 5,11% во однос на 2017 година. Но воочлив е фактот дека и со овој раст просечно исплатената месечна нето – плата, е под вкупната просечно исплатена месечна нето – плата во државата.

Графикон бр.5: Процент на раст на просечна исплатена месечна нето-плата, во секторот образование, по години

 

Споредувајќи го порастот на просечно исплатена месечна нето – плата во период од 10 години се забележува дека просечно исплатената месечна нето – плата во секторот образование, иако има пораст од 1,85%, останува под вкупната просечно исплатена месечна нето – плата во државата. Највисок пораст има во секторот градежништво од 3,88%, а најмал пораст има во секторот финансиски дејности и дејности на осигурување, иако просечно исплатената месечна нето – плата во овој сектор е над вкупно просечно исплатената месечна нето – плата во државата. Сепак, не е за потценување и растот во секторот информации и технологија.

Графикон бр. 6: Просечен годишен пораст во период од 10 години

 

  2. Менторството како дополнителен стимул за наставниците

Освен платата, единствени дополнителни средства, наставникот може да добие доколку прифати да биде ментор и/или раководител на паралелка (одделенски раководител). За улогата на ментор, наставникот добива 2.914 денари во основно училиште и 3.042 денари во средно училиште, а за раководител на паралелка 1.400 денари во основно и 1.480 денари во средно училиште.

Овие податоци укажуваат на фактот дека доколку државата сака да има квалитетни и посветени наставници треба да се насочи кон соодветно вреднување на трудот на наставниците преку зголемување на платата што подразбира промена на системот на вреднување на работата на наставниците. Зголемувањето на платата на наставниците ќе поттикне квалитетно вложување на наставниците во нивната работа, а не насоченост кон подобра материјална состојба. Ниските примања на наставниците поттикнуваат професијата да не биде доволно ценета во однос на другите професии во државата.

Промената на системот за вреднување на работата на наставниците значи, покрај подготовката и реализацијата на наставниот процес, да се вреднува какви вештини и компетенции стекнал ученикот и промоцијата што ја прави наставникот за училиштето. Досега, работата на наставниците во основно и средно образование се вреднува единствено врз основа на реализираната програма и потрошеното време за реализација на настава, без да се води грижа дали тој успеал да ги научи учениците, односно какви знаења, вештини и компетенции стекнал ученикот и како тие знаења и вештини би можел да ги примени.

  3. Професионален и кариерен развој

Ако зголемувањето на платата е еден од факторите за мотивација и задоволство во работењето на наставниците , државата треба да обезбеди и соодветен финансиски надоместок за напредување во кариера или за посебни резултати во работењето на наставниците. Напредувањето на наставниците во кариера е предвидено во Законот за основното образование и Законот за средното образование, но до денес, тоа не е реализирано во пракса, како што не е осмислен и соодветен начин да се наградуваат наставниците кои покажуваат посебни резултати во работењето.

Затоа, во рамките на училиштата треба да се развијат внатрешни механизми на самоевалуација со која ќе се наградуваат успешните наставници, а ќе се мотивираат неуспешните наставници.

 

ПРОДОЛЖУВА...

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија