ПРЕКУ СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ ПРОДОЛЖУВА СОРАБОТКАТА ВО ИНТЕРЕС НА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ И РАЗВОЈ

   

АКТУЕЛНО / 15.01.2020
👁 Прочитано: 697


ПРЕКУ СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ ПРОДОЛЖУВА СОРАБОТКАТА ВО ИНТЕРЕС НА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ И РАЗВОЈ

Царовска на средба со коморите, синдикатите и организациите на работодавачи

Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, се сретна со претседателите на четирите најголеми стопански комори, претставници на синдикатите и претставници на организациите на работодавачи.

Вицепремиерката нагласи дека соработката помеѓу Владата, коморите, синдикатите и организациите на работодавачи е клучна во креирање на ефективни и ефикасни економски политики, програми, проекти и мерки, за побрз и одржлив економски развој. Таа дополни дека досегашната соработка е на многу високо ниво, како и дека очекува во иднина уште потесна соработка за креирање на решенија со кои ќе се постигнат повисоки стапки на бруто домашниот производ и ќе се влијае на подигнување на животниот стандард на македонските граѓани.

„Во изминатите две и пол години, Владата успешно соработува со коморите, синдикатите и организациите на работодавачи и како резултат на таа соработка донесени се решенија со кои се задоволуваат интересите на сите засегнати страни: работниците, компаниите и државата. Пример е Законот за финансиска поддршка на инвестициите, преку кој во 2018 година, за првпат се овозможи поддршка на домашните компании, преку транспарентни и јасни критериуми кои важат за сите компании подеднакво, а со кој веќе се поддржани околу 200 компании“, посочи Царовска.

Вицепремиерката подвлече дека во изминатите две и пол години, активно се работеше и на креирање на програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот преку Оперативниот план кој го спроведува Агенцијата за вработување, кои пред се ги задоволуваат потребите на компаниите и реалните потреби на пазарот на трудот.

ПРЕКУ СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ ПРОДОЛЖУВА СОРАБОТКАТА ВО ИНТЕРЕС НА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ И РАЗВОЈ

Во периодот кој следи Владата најавува дека ќе биде посветена на унапредувањето на програмите во образовниот процес, со особен фокус на средните технички училишта и техничките факултети, за да се следи процесот на индустријализација на земјата и да од образовниот процес излегуваат квалитетни, добро обучени кадри, за повисока продуктивност и ефикасност на компаниите, а со тоа и повисока конкурентност на домашниот и на меѓународните пазари, што е и едно од клучните барање на бизнис заедницата.

Претседателите на 4-те најголеми стопански комори во дражава, укажаа дека дијалогот мора да продолжи а со тоа и функционалноста на Платформата за Јавно приватен дијалог. Покрај решавањето на проблемот со обезбеденоста на кадри и мерки за подобрување на образовниот процес, Коморите сметаат дека во приоритетите треба да се стави акцент и на реформите во правосудството во насока на владеење на правото, како и навремена и редовна консулатција на бизнисот за секоја промена во регулативата која го засега стопанството.

Служба за информирање