МОЖНОСТИ ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И МАРОКО

   

АКТУЕЛНО / 16.01.2020
👁 Прочитано: 820


МОЖНОСТИ ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И МАРОКО

Со цел продлабочување на соработката на Северна Македонија и Мароко, потребно е детално да се разгледаат можностите и да се отпочне со конкретни иницијативи за промоција на соработката меѓу двете земји - истакна Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија на работната средба со амбасадорката на Мароко, Н.Е. Закиа Ел Мидаиу и почесниот конзул на Мароко во Северна Македонија, Илија Малинковски.

На средбата, амбасадорката Ел Мидаиу истакна дека во наредниот период амбасадата планира да организира промотивен настан со цел да се презентираат можностите за инвестирање и соработка со Мароко пред членките на стопанската комора на Македонија. Оваа презентација ќе претставува прв чекор кон запознавање и приближување на  бизнис заедниците од двете земји и креирање можности за различни облици за соработка во индустриите како што се металната и металопреработувачката, ИТ секторот, фармацевтската индустрија и прехранбениот сектор, особено компаниите што се занимаваат со производство на суплементи и здрава храна.

Двете страни се согласија дека во наредниот период ќе биде потребно подетално да се анализираат потребите и капацитетите на пазарите на двете земји, со цел до средина на годината да се организира бизнис форум во насока на поттикнување и продлабочување на соработката.

м-р Сања Николова