РАЗВОЈ НА ЧОВЕЧКИТЕ РЕСУРСИ – ИНВЕСТИЦИЈА НА ДОЛГ РОК
 РАЗВОЈ НА ЧОВЕЧКИТЕ РЕСУРСИ – ИНВЕСТИЦИЈА НА ДОЛГ РОК
Mihajlo donev 
Михајло Донев, Стопанска комора на Македонија

Изминатата недела беше во знакот на одбележувањето на големиот јубилеј - 98 години од основањето на Стопанската комора на Македонија, институција која од 1922 година активно ги следи економските текови во земјата, расте и се развива во насока да одговори на барањата и потребите на компаниите. Градењето квалитетен кадар и развој на човечките капацитети е само еден од приоритетите на Стопанската комора на Македонија која во изминатите 13 години тоа го покажува и во пракса преку активностите на Центарот за едукација и развој на човечки ресурси.

За важноста на активностите кои Центарот за едукација ги реализира говорат многубројните успешно реализирани семинари и обуки кои се од големо значење за чинителите во стопанството. Центарот за едукација постојано го следи развојот на нашите компании и оддава признание за оние компании кои се имаат определено за вложување во своите вработени како важен фактор за напредок на нивната компанија.

Во таа насока, Стопанската комора на Македонија додели Специјално признание на Стопанска банка АД - Скопје за компанија со најголем број учесници на едукативни настани организирани од Центарот за едукација и развој на човечки ресурси во 2019 година.

Изминатата недела (17-21.02.2020 година) беа реализирани два едукативни настана, произлезени од големиот интерес на компаниите за теми од областа законската регулатива поврзана со јавните набавки и дигиталните вештини потребни за унапредување и поефикасно комуницирање со клиентите преку „е-mail“ маркетинг.

1.

„Основи на „e-mail“ маркетинг“ беше наменет за компаниите кои се вклучени во продажба и своите активности сакаат да ги насочат кон нови сегменти на пазарот преку унапредување на традиционалните канали на комуникација. Употребата на „e-mail“ маркетинг носи мерливи резултати и овозможува приспособување на компаниите на потребите на пазарот. Преку користење на современите алатки за „e-mail“ маркетинг учесниците научија како да ја зголемат продажбата и да обезбедат подобра позиција на пазарот.

2.

„Кои се најчестите грешки на понудувачите и договорните органи - причини за чести поништувања и обжалувања на тендерите“ беше тема на дискусија на истоимениот семинар чија цел беше набавувачите и понудувачите детално да се запознаат со измените, да ги увидат најчестите грешки и предизвици што ги нуди новото законско решение, да се запознаат со новините и предностите со цел правилно спроведување на постапките за јавни набавки, како и подготовка на успешни и квалитетни понуди и учество на тендери според новите правила.

Што следува....

Михајло Донев