ОДБЕЛЕЖАН ЈУБИЛЕЈ - 20 ГОДИНИ „ЖАН МИТРЕВ КЛИНИК“

   

➤ ОД КОМПАНИИТЕ (02.03.2020)
👁 Прочитано: 1545


ОДБЕЛЕЖАН ЈУБИЛЕЈ - 20 ГОДИНИ „ЖАН МИТРЕВ КЛИНИК“

„Жан Митрев Клиник“ одбележа 2 децении од основањето и првата бај-пас операција во Македонија, водена од кардиохирургот академик д-р Жан Митрев, со што почнува да се пишува нова историја во македонското здравство, следена од првата операција на отворено срце врз буден пациент во 2002 година. Како врвна здравствена установа, „Жан Митрев“ претставува софистициран центар со најсовремена дијагностика во повеќе области од медицината, а од 2000 година до сега направени се над 1,5 милиони прегледи и интервенции, односно 35.000 операции.

„Постигнавме голем број операции, меѓутоа, многу позначајно е што го кренавме нивото на вредноста на живеењето. Тоа значи дека здравството како составен дел на нашиот живот го поставивме на такво ниво така што денес луѓето во Македонија имаат едно здравство, една институција на која може со сигурност да пристапат со највисоки стандарди во медицината, и тоа не во некоја друга држава, туку токму тука во Македонија“, - изјави д-р Жан Митрев.

„Жан Митрев Клиник“ е добитник на многубројни престижни награди, меѓу кои и награди од EUROPE BUSINESS ASSEMBLY и Сократ комитетот, од областа на здравството, „Најдобар здравствен менаџер и најдобра болница“.

Приказната добива нова димензија пред четири години, односно на одбележувањето на 16-годишнината од формирањето – кога е отворен новиот објект, кој е со петпати поголем капацитет и го носи името „Жан Митрев“. Изграден е според највисоки стандарди, со уникатен ентериер, врвна медицинска опрема, комплетно регулирана средина, строго управувани режими на греење и ладење и довод на свеж воздух и максимална комфорност на пациентите, вработените и посетителите. Потврда за успешното работење е престижната награда за најдобар менаџер и болница со најдобар квалитет на здравствени услуги, која му припадна на академик д-р Жан Митрев, во конкуренција со здравствени центри од Европа и Блискиот Исток. „Жан Митрев“ во ноември 2017 година го доби и Златниот печат за квалитет и безбедност од Joint Commision International и со тоа стана првата болница што за нецела година влезе во семејството на најпрестижната организација за акредитација на болници во целиот свет. Продолжи и развојот на детската кардиохирургија, која функционира од самото основање на болницата, а во декември 2018 година, како врв на медицинскиот развој, ја стартува и ја разви и програмата со механичка циркулаторна поддршка за третман на срцева слабост. Во април истата година „Жан Митрев“ ја доби државната акредитација за квалитет од страна на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи.

Во рамки на големиот јубилеј беше организиран симпозиум на тема: „Развој на кардиоваскуларната хирургија во последните 20 години“, на кој заземаа учество низа врвни стручњаци од областа на кардиоваскуларната хирургија, како проф. д-р Марко Турина, поранешен директор на Клиниката за кардиоваскуларна хирургија при Универзитетската клиника во Цирих, Швајцарија и поранешен претседател на Европското здружение за кардиохирургија; проф. д-р Мартин Костолни, директор на Одделот за клинички услуги за кардиоторакална хирургија, „Грејт Ормонд стрит-болница“ - Лондон, Англија, како и низа докажани професори од универзитетски клиники од регионот и пошироко.

Служба за информирање