ДНЕВНО ОБРАЌАЊЕ 06.04.2020 година
👁 Прочитано: 3348



ДНЕВНО ОБРАЌАЊЕ 06.04.2020 година

Минатата недела посочивме редица компании кои ја искажаа својата општествена одговорност и на разни начини помогнаа пошироката заедница полесно да се справува со овие тешки моменти. Истовремено, упативме апел и до други компании да се придружат и да помогнат во рамки на своите можности. 

Она што уследи е навистина извонредно. Бројни компании се одзваа на апелот на Стопанската комора на Македонија. Еве само некои примери.

Компанијата „ЕВН Македонија“ донираше 200.000 евра на Министерството за здравство за набавка на медицинска опрема и материјали за потребите на јавниот здравствен систем. Исто така, „ЕВН Македонија“ го донираше и приклучокот за електрична енергија за мобилната болница подигната во рамки на Клиничкиот центар во Скопје. 

Материјалите и изведбата на хидроизолационата заштита на оваа мобилна болница во вредност од 15.000 евра се донација на компанијата „Адинг“. 

Компанијата „Окта“ донира медицинска опрема во вредност од 50.000 евра, при што набави медицински апарати посочени како неопходни од страна на Министерството за здравство.

„Лукоил Македонија“ донесе одлука да додели 15.000 литри гориво на Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје и Црвениот крст на Македонија.  

Компанијата „Семос едукација“, во координација со Министерството за образование започна со бесплатна едукација на 1.200 наставници од основните и средните училишта во земјава. Се работи за едукација по пат на вебинар-сесии со кои се споделува знаењето и искуството на „Семос едукација“ за онлајн-настава сé со цел на наставниците да им се олесни продолжувањето на наставата и децата да добијат  што подобро образование во вакви услови. 

Компанијата „Бимилк“ изврши предвремено плаќање на вкупните аконтативни обврски за данок на добивка во износ од 15 милиони денари. Дополнително, „Бимилк“ донираше и финансиска помош на Клиничката болница во Битола за набавка на медицинска опрема, како и производи за помош на најранливите групи граѓани во Битола, помош која се дистрибуира преку Црвениот крст.  

Компанијата „Виталиа“ донираше пакети здрави производи и средства за набавка на заштитна опрема за вработените на Инфективната клиника, како и преку 500 кг оброци здрава храна за ранливите категории на граѓани. Исто така, компанијата „Виталиа“ изврши предвремено плаќање на данокот за добивка во износ од 3,5 милиони денари.  

Компанијата „Моцарт Бет“ обезбеди донација во парични средства во износ од 50.000  евра, од кои досега се веќе донирани 15.000 евра на Инфективната клиника во Скопје и 10.000 евра на Општата болница во Куманово. 

Печатницата „Киро Дандаро“ од Битола обезбеди парична донација за потребите на Клиничката болница во Битола за набавка на опрема и средства за заштита, согласно добиена спецификација од болницата за конкретните потреби.

Компанијата „Ми-Да Гранд Моторс“ воведе бесплатна услуга при редовен сервис на возила од брендот „Форд“ за сите здравствени работници, доктори и медицински лица. 

Стопанската комора на Македонија ги поздравува сите овие активности на бизнис секторот. Апелираме и до сите други компании да се придружат и во рамки на своите можности да дадат поддршка на пошироката заедница. 

Одделение за информирање

Служба за информирање при Комората