НЛБ Банка ќе продолжи да кредитира и да ги поддржува фирмите повторно да ги заживеат бизнисите
👁 Прочитано: 6893



НЛБ Банка ќе продолжи да кредитира и да ги поддржува фирмите повторно да ги заживеат бизнисите

интервју Антонио Аргир, претседател на Управен одбор, „НЛБ Банка“ АД – Скопје и потпретседател на Стопанската комора на Македонија

Дел од пораките во Интервју за фактор.мк

Во ситуација на криза клучна е брзата и ефикасна реакција. Се работи за најголемата светска здравствена криза за која се очекува да има огромни негативни ефекти врз целата светска економија. Во ваква ситуација, сосема нормално е што кај граѓаните имаше голем степен на вознемиреност, паника и несигурност. Понудата за одложено плаќање на кредитните обврски овозможи мало смирување и олеснување на финансискиот товар на граѓаните во и онака тешките околности.

Во Банката сè уште пристигнуваат барања за одложено плаќање од клиенти кои иницијално ја одбиле јавната понуда или барања за враќање во редовна отплата од оние кои ја прифатиле. Би напоменал дека барањата се одраз на реалната ситуација на пазарот и финансиската состојба на клиентите која може да е дополнително влошена или подобрена. Барањата се со намален интензитет, но се очекува овој тренд да продолжи и во следниот период, а Банката со цел да излезе во пресрет на потребите на своите клиенти ќе ги прифаќа и ќе постапува согласно овие барања.

Од аспект на финансискиот ефект, одложувањето на наплатата на кредитите, најмногу ќе се одрази на паричниот тек на Банката, односно на приливите кои ќе бидат помали за износот на одложените рати. Сепак, со оглед на тоа дека Банката располага со високо ниво на ликвидни резерви, ваквото времено одлагање може да се апсорбира без поголеми  проблеми. Важно е по завршувањето на периодот на одложување, клиентите да започнат со редовна отплата на ратите што доспеваат, за да нема прелевање на кризата во кредитните портфолија.

Банката прави континуирани анализи и следење на кредитното портфолио по одредени дејности, како и на работењето на поединечните претпријатија кои се погодени од кризата. Мерките коишто се преземаат се прилагодени на бизнис - моделите на одредени компании насочени кон задржување на континуитетот на нивното работење и долгорочната стабилност. Исто така, во оваа насока Банката ги презема и сите потребни мерки во однос на одржувањето на квалитетот на своето кредитно портфолио. Попрецизна проценка на ефектите од кризата врз кредитното портфолио очекуваме во периодот по септември кога кризата би требало постепено да се стишува и ќе може да се измерат реалните штети во работењето кај компаниите.

Во контекст на зголемената дигитализација се забележува и тренд на зголемено користење на интернет трговијата, кое е во корелација со општите мерки за заштита: изолација, намалено движење, голем број на затворени продавници, при што голем дел од трансакциите се пренасочени преку интернет. Со ова, од една страна полека се надминуваат психолошките бариери, стравот и недовербата на граѓаните при онлајнкупувањата, а од друга страна, трговците добиваат уште еден значаен канал за пласирање на своите производи и услуги, при што е забележан и зголемен интерес за инсталирање и користење на платформи за интернет трговија од нивна страна.

Како резултат на кризната ситуација и „присилната” примена на мерки за дигитализација, очекуваме промена на потрошувачките навики и забрзана дигитална трансформација во банкарството. Во следниот период Банката уште повеќе и поинтензивно ќе инвестира во дополнителен развој на дигиталните сервиси и едукација на клиентите. Дигиталното банкарство повеќе не е избор туку императив!

Како општествено одговорна компанија имаме за цел да одговориме на предизвиците кои ни ги наметна оваа пандемија и да го олесниме справувањето со последиците од неа. Изреагиравме брзо и најдовме начин да помогнеме уште на самиот почеток на кризата и прогласувањето на вонредната состојба.

Нашата помош се одвива во повеќе фази и опфаќа различни сегменти од општествотопреку применување на повеќе различни мерки, при што вкупниот придонес на Банката кон општеството и економијата во овој период кумулативно ќе изнесува околу 500.000 евра.

Но, приказната не запира овде. Она што го сметам за наша предност како членка на една голема и регионална Групација е можноста да помогнеме не само локално и самостојно како НЛБ Банка Скопје туку и координирано и заеднички со останатите НЛБ членки на едно пошироко и регионално ниво.За таа цел вложивме напори за реализирање на заедничка кампања од страна на сите банки членки на НЛБ Групацијата, каде веќе сме во напредна фаза на реализација на донација со која ќе пружиме поддршка на микро и малите компании од индустриите кои се најзасегнати со последиците од пандемијата. Нивното опстојување и излегување од економската криза игра витална улога во зачувување и одржување на економијата, а наша цел со оваа донација ќе биде да го поддржиме и забрзаме процесот на нивна ревитализација. Се работи за малку поинаков тип на поддршка, каде преку овозможување на закуп на рекламен простор ќе им пружиме помош на фирмите да го заживеат своето работење, при што за оваа цел, заедно со НЛБ дд издвоивме буџет од 100.000 евра.

Ние сме Банка чие срце и припадност се овде, во овој регион, па ќе сториме сè што е во наша моќ, со заеднички напори да се справиме со оваа ситуација. Треба да сме свесни дека во ова сме сите заедно и борбата е заедничка.

Преземено од Фактор.мк