„АЛМЕРО“: САЕМИТЕ СЕ ЗНАЧАЕН ФАКТОР ЗА РАЗВОЈ НА БИЗНИСОТ

   

👁 Прочитано: 539


„АЛМЕРО“: САЕМИТЕ СЕ ЗНАЧАЕН ФАКТОР ЗА РАЗВОЈ НА БИЗНИСОТ

Импликациите од светската пандемија на Ковид-19 врз деловната активност и потребата од државна поддршка за враќање и раст на извозните перформанси беа предмет на дискусија на работната посета на „АЛМЕРО“ која Анета Димовска и Нена Николовска од Стопанската комора на Македонија ја реализираа со претставниците на раководството на компанијата, Хакан Ризванче и Адем Агаи. 

Корона вирус кризата предизвика негативни ефекти врз работењето на оваа компанија, како последица на откажување на голем дел од нарачките и четириесетдневиот прекин на производството. Дискутирајќи за потребните економски мерки со цел враќање на пласманот и натамошен развој на бизнисот, на работната посета беше истакнато дека покрај економските мерки на државата со кои се овозможува директна краткорочна финансиска поддршка, потребно е да се размислува и за долгорочна поддршка за промоција на домашните компании и нивните производствени потенцијали. 

Во тој контекст беше нагласено значењето на меѓународните саеми како значаен фактор за развој на бизнисот преку контакти со потенцијални клиенти и можност за пласман на производите на нови пазари. Поради тоа, државата во соработка со Стопанската комора на Македонија, како претставник на бизнис-заедницата, треба да ги унапреди постојните механизми за поддршка на деловните субјекти за настап на позначајните саемски манифестации во светот.

„АЛМЕРО“ е првата и единствената фабрика во нашата држава специјализирана за производство само на душеци чии почетоци датираат од пред 30 години. Производствените капацитети на компанијата денес се простираат на површина од 10.000 метри квадратни и опфаќаат широка палета на душеци за чија изработка се користат висококвалитетни материјали и најсовремена технологија. „АЛМЕРО“ произведува за домашниот и за странски пазари и е присутна во повеќе европски земји со потенцијали за натамошно развивање на деловната мрежа и извозот во други држави (Катар, Саудиска Арабија и други). 

м-р Нена Николовска