Комерцијална банка добитник на наградата „Most Active Issuing Bank in 2019 in North Macedonia”
➢ Актуелно (31.07.2020)
👁 Прочитано: 986



Комерцијална банка добитник на наградата „Most Active Issuing Bank in 2019 in North Macedonia”

Европската банка за обнова и развој и ја додели на Комерцијална банка ад Скопје наградата „Most Active Issuing Bank in 2019 in North Macedonia”.

Наградата е објавена во најновиот број на списанието „Trade Exchange Magazine“, што е наменето за стручната јавност во Европа, Азија и Африка од областа на меѓународните инструменти за финансирање на трговијата, а е во издание на ЕБРД.

Со тоа, тимот за документарно работење на Банката, се потврдува како експерт во меѓународни рамки, промовирајќи го и понатаму реномето на Банката со својот висок степен на специфично стручно знаење и професионално искуство, известија од Банката. Ова исклучително признание претставува причина плус за понатамошното унапредување на целокупната работа на Банката.

Во првите шест месеци од 2020 година, Комерцијална банка а.д. Скопје од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 743,3 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 675,1 милиони денари што претставува зголемување за 10,1%. Планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 75,8%.

Според Комерцијална банка ад Скопје, светската пандемија со ковид-19 се очекува да има силни економски последици врз глобалната економија, а следствено на тоа и врз македонската економија која е од отворен тип. Согласно објавените податоци и показатели за остварувањата во реалниот сектор, негативните ефекти веќе се видливи, додека последиците врз финансискиот систем ќе се почувствуваат со одредено временско задоцнување.

Банката ги следи економските трендови во националната, регионалната и глобалната економија со цел да се здобие со информации корисни за процесот на одлучување

Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во 2020 година се очекува значително да се разликуваат во однос на првичните проекции на раст на домашната економија предвидени со финансискиот план за 2020 година. Согласно објавените проекции од Народната банка, се очекува БДП во 2020 година да забележи пад од -3,5%.

Банката ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, соодветно корегирање на финансиските проекции за 2020 година при што ќе биде фокусирана пред се’ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите кои ќе бидат најзасегнати од здравствената и економската криза, изјавија од Банката.

 

Комерцијална банка ад Скопје е долгогодишна членка на Стопанската комора на Македонија и активно е вклучена во работата на органите и телата на Комората.

 

Служба за информирање при Комората