Еуроникел Индустри донира медицински апарати за болницата во Кавадарци
➢ Актуелно (12.08.2020)
👁 Прочитано: 1516



Еуроникел Индустри донира медицински апарати за болницата во Кавадарци

Членката на Стопанската комора на Македонија, Еуроникел Индустри од Кавадарци за Општата болница во градот донираше медицински апарати: дефибрилатор, ЕКГ апарат, инфузомат, аспиратор и дигитален пулсоксиметар со монитор, со цел подобрување на здравствените услуги и негата на пациентите. 
Според изјавата на директорот Герасим Кујунџиев, едно од начелата на функционирање на компанијата Еуроникел Индустри е активното учество во подобрување на квалитетот на животот во заедницата од која оваа компанија е дел. Компанијата дава придонес, со цел да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните, па затоа во период кога здравствените институции се соочуваат со дополнителни проблеми и недостатоци заради здравствената криза, а истовремено подеднакво е важно пациентите да ја добијат потребната нега и за другите здравствени услуги, Еуроникел Индустри помошта ја насочува кон здравствениот сектор и снабдување со медицинска апаратура на Општата болница во Кавадарци. 
Од Општата болница Кавадарци велат дека донацијата е наменета за новиот женски оддел за интерни болести и истата веднаш ќе биде ставена во функција, со што ќе се овозможи стручно и квалитетно лекување на пациентите, брза, навремена и ефективна медицинска нега. 
ЈЗУ Општа Болница, Кавадарци до компанијата Еуроникел Индустри изрази голема благодарност заради свесноста и ангажираниот однос кон потребите на здравствената установа, а со тоа и кон граѓаните од Кавадарци и околните населени места.

Служба за информирање при Комората