ЛОШИТЕ ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ ПРЕДИЗВИКАA ЕЛЕМЕНТАРНА НЕПОГОДА КАЈ ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ЛОЗОВИТЕ НАСАДИ ВО ТИКВЕШКИОТ РЕГИОН
➢ Актуелно (18.09.2020)
👁 Прочитано: 1298



ЛОШИТЕ ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ ПРЕДИЗВИКАA ЕЛЕМЕНТАРНА НЕПОГОДА КАЈ ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ЛОЗОВИТЕ НАСАДИ ВО ТИКВЕШКИОТ РЕГИОН

Стопанската комора на Македонија ги следи случувањата во лозарството и винарството во РС Македонија. Овие гранки се едни од најпогодените со кризата но и со лошите временски услови. Винариите се полни заради намалената продажба додека состојбите со бербата 2020 не се ништо подобри. Имено, лозовите насади во Тиквешкиот регион се во лоша здравствена состојба, а кај голем дел од нив, на повеќе локации, констатирано е присуство на болеста ботритис, што негативно влијае на квалитетот на грозјето. Ова се наодите на истражувањето што по иницијатива на Стопанската комора го направи Земјоделскиот институт од Скопје за состојбата на лозовите насади на неколку локации со винови насади во Тиквешкиот регион како најголем вински регион во земјата.

Истражувањето е спроведено на локалитетите Рибарци, Манастирец, Краиште, Црвени Брегови, Дисан - Дуброво, Дисан- Салиев Брест, Дисан- Вешје, Сопот - Смолник, Сопот- Кошариште, Сопот- Курија, Ило Виларов, Белград, каде има лозови насади од сортите вранец и смедеревка.

Лошиот квалитет на грозјето на овие лозови насади во Тиквешкиот регион, во кој се сместени 45% од вкупната површина на лозови насади во земјава, според наодите од истражувањето на Земјоделскиот институт од Скопје, се должи на обилните дождови во вториот дел од вегетацијата, како и грешки во заштитата на лозовите насади. Во одредени локалитети е утврдено оштетување на зрната од над 90%, како резултат на големото присуство на вода.

Покрај овие неповолни состојби и присуство на болеста ботритис, стручните лица од институтот кои ја вршеа анализата, утврдија присуство на гроздов молец што дополнително негативно влијае на квалитетот на грозјето на овие локалитети.

Ваквата ситуација резултира со висок принос на грозје со намалена содржина на шеќер во гроздовиот сок кај двете сорти – вранец и смедеревка. Високата инфицираност на грозјето со ботритис доведува и до голема содржина на глукани и глуконска киселина која негативно влијае на квалитетот на виното доколку ова грозје се употреби во производство во ваква состојба, се наведува во заклучоците од анализата на состојбата на терен која ја спроведе Земјоделскиот институт.

Болеста ботритис е опасна и заразна и може да предизвика контаминација како на здравото грозје така и на винарските визби ако примаат вакво болно грозје.

Во прилог на соопштението ви ја доставуваме и „Анализата за лозовите насади во тиквешкото виногорје, берба 2020“, направено од земјоделскиот институт на барање на групацијата за винарство при Стопанската комора на Македонија.

Анализа за состојбите со лозовите насади во тиквешкиот регион.pdf
Служба за информирање при Комората