ВОСПОСТАВУВАЊЕ РАМНОТЕЖА ПОМЕЃУ ОТКУПНАТА ЦЕНА НА МЛЕКОТО И КВАЛИТЕТОТ НАИСТОТО – ЕДЕН ОД КЛУЧНИТЕ АСПЕКТИ КОИ БАРААТ ИТНО РЕШАВАЊЕ
➢ Актуелно (23.09.2020)
👁 Прочитано: 806



ВОСПОСТАВУВАЊЕ РАМНОТЕЖА ПОМЕЃУ ОТКУПНАТА ЦЕНА НА МЛЕКОТО И КВАЛИТЕТОТ НАИСТОТО – ЕДЕН ОД КЛУЧНИТЕ АСПЕКТИ КОИ БАРААТ ИТНО РЕШАВАЊЕ

Во рамки на вкупниот агрокомплекс, производството, откупот и преработката на млеко имаат извонредно големо значење и претставуваат извор на приходи за преку 10.000 семејства низ ланецот за снабдување.

Еден од клучните аспекти кои бараат приоритетен фокус што е можно поскоро е и воспоставување рамнотежа помеѓу откупната цена на млекото и квалитетот на истото и модификација на системот за субвенционирање според литар предадено млеко во насока на стимулирање на квалитетот

Се работи за аспект кој можеби има најприоритетно значење за домашните откупувачи и производители на млеко. Притоа, целата постапка треба да оди во соработка со фармерите кои се партнери на домашните млекари. Ваква иницијативи имаше и во минатото, но за жал, без соодветен одговор и реакција.

Имено, Групацијата за млеко во соработка со Потсекторската група за млеко при МЗШВ, Федерацијата на фармери како и Асоцијацијата на приватни млекопреработувачи, предложи документ: Предлог мерки за унапредување на состојбата со млекото, до МЗШВ и Советот за земјоделие, каде беа дадени и конкретна анализа на пазарот со млеко во земјава, но и конкретни мерки за надминување на проблемите. До денес, немаше прилика да се разговара по основ на тој документ, па нашите очекувања се дека во Министерот ќе имаме соговорник со кој ќе можеме сериозно да разговараме за неопходните промени во овој сектор.

Согласно последните статистички податоци од Заводот за статистика, потврден е опаѓачкиот тренд во оваа област. Намален е бројот на говеда во 2019 во споредба со претходната година, намалено е производството а истовремено и откупот на млеко, согласно последните податоци од ЗС. Увозот на млечни производи трикратно го надминува извозот. Истовремено факт е дека повисоката откупна цена на млекото која е на исто ниво пазарите во ЕУ, ниту се доби бараниот квалитет, ниту пак зголемен квантитет.

Потребна е измена на Правилникот за определување на цената на млекото. Повисок квалитет на млекото е императив во работата на домашните млекари, за што се неопходни Референтна независна лабораторија и овластени собирачи на млеко. Визијата на домашните млекарници треба да се претстави пред ресорното министерство и покрене иницијатива за конечно решавање на проблемот. Компаниите сметаат дека собирачите треба да бидат овластени и акредитирани и на сите нив да им се направи обука.

Со Законот за квалитет на земјоделски производи се предвидени овластени земачи на млеко, но проблемот настанува со немањето Правилници. Хемискиот состав не кореспондира со микробиолошкиот, а тој е важен особено за производителите на сирења. Нема ни добар хемиски квалитет ни микробиолошки состав (освен во дел од зимскиот период), а откупната цена е како европската. На тој начин домашните млекарници не можат да конкурираат на увезеното млеко и млечни производи пред се од земјите на унијата, но дури ни на соседните земји кои не се членки на ЕУ. Доколку не се преземе нешто во најкус можен рок, трендот на намалување на производството и откупот на млеко ќе продолжи и во иднина. Се додека државата исплаќа субвенции и на оние кои не произведуваат, односно не се професионални фармери, нема да има поместување во оваа дејност. Се додека не заживее системот на градација на субвенциите според квалитетот, нема да има напредок дури ни во поглед на квалитетот.

Цената на млекото при откуп секогаш треба да има пазарен карактер затоа што таа е предмет на договор помеѓу две или повеќе страни. Потребна е детална повеќегодишната стратегија во чие креирање треба да земат учество претатавници на релевантните фактори кои се засегнати од овој сектор и кои диретно влијаат врз истиот.

Васко Ристовски
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија