Конституиран деловниот совет на Коморскиот инвестициски форум за помалку бариери на Западен Балкан
👁 Прочитано: 3076



Конституиран деловниот совет на Коморскиот инвестициски форум за помалку бариери на Западен Балкан

На денешната седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), асоцијација на шесте комори од регионот на Западен Балкан, се формираше Деловниот совет, кој, во име на 400.000 компании од регионот ќе го следи отстранувањето на пречките за регионалната економска соработка во регионот, како и за соработката на регионот со ЕУ, предлагајќи мерки што ќе и’ го олеснат бизнисот за деловната заедница од регионот и ќе ги намалат трошоците.

- Со конституирањето на Деловниот совет составен од сопственици и менаџери на 16 големи деловни субјекти, кои имаат производствени капацитети и бизнис операции низ целиот регион, ќе обезбедиме уште поактивно учество на деловната заедница во градењето на заеднички регионален пазар и единствена дестинација за инвестиции на Западен Балкан, како и за воспоставување посилни регионални економски односи, - посочи Марко Чадеж, претседател на Управниот одбор на КИФ.

Членови на нововоспоставениот Совет се истакнати бизнисмени, регионални бизнис лидери, од сите шест економии на Западен Балкан и скоро сите сектори на производство и услуги, претставници на водечките деловни субјекти: албански – „БАЛФИН“, „Агна“ и „Инфософт група“, босански – „МС Вуд“, „Сараево Кисеjак“ и „Микроеленика“, Косово - Корпорацијата „Деволи“ и Групацијата „Алби“, црногорски – „Воли“, „Требјеса“ и „Портонови“, македонски – „Алкалод„ и „М6“, „Тиквеш“ и српски – „Еликсир Груп“, „Нелт“ и „Милшпед“.

Деловниот совет ќе биде советодавно тело на КИФ и ќе обезбедува силна поддршка во  застапувањето на интересите и предлозите на деловната заедница пред владите на регионот.

Планирано е да се иницираат редовни, квартални состаноци со претседатели, премиери и ресорни министерства од сите шест економии од Западен Балкан, каде што, врз основа на информациите од терен и анализа, ќе бидат презентирани иницијативи и предлози за побрзо отстранување на бариерите за зајакната економска соработка во регионот.

Ваквиот тип на соработка е уште повеќе потребен сега, кога економиите од регионот се силно погодени од последиците на пандемијата на корона вирусот Ковид-19. Брзината на закрепнување на економиите во регионот од последиците од пандемијата, ќе зависи од брзината со која бизнисмените од регионот ќе преговараат и ќе ги спроведуваат договорите, ќе се отстранат бариерите за заеднички бизнис и изградбата на заеднички пазар. Во вакви околности, никој повеќе не може да помогне од бизнисмените кои се на терен секој ден, кои ги применуваат регулативите, чии луѓе и стоки патуваат низ регионот, ги преминуваат границите и наидуваат на низа пречки што можат да се отстранат ако работиме заедно и посветено, ако имаме економски пристап кон решавање на проблемот, заклучи Управниот одбор на КИФ.

Деловниот совет исто така ќе биде дел од платформата за комуникација меѓу стопанството и институциите во регионот со Брисел, во однос на спроведувањето на новиот акционен план за воспоставување заеднички пазар за периодот 2021-2024 година, кој е предвидено да се усвои на ноемврискиот Самит на ЕУ и Западен Балкан во Софија, како и во процесот на инклузивно проширување, за кое КИФ се залага во име на деловната заедница од регионот, со желба тоа да се започне веќе за време на германското претседателство со Европската унија.

КИФ активно се вклучи во овој процес, при што предлозите за мерки за слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал поднесени од КИФ како дел од изработката на новиот акционен план за заедничкиот регионален пазар, беа вклучени во работната верзија на документот.

За улогата на деловната заедница од регионот и Деловниот совет во спроведувањето на новиот акциски план, како и подготовките за Самитот во Софија, членовите на УО на КИФ  разговараа со претставникот на Генералниот директорат за проширување на ЕК, Томас Хаглејтнер.

- ЕУ силно го поддржува создавањето на единствен регионален економски простор, посочи Хаглејтнер, потенцирајќи дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е од стратешко значење, за што ќе придонесе инвестицискиот план за економски развој и отстранувањето на трговските бариери во регионот. - Колку побрзо регионот се развие во стабилна економија, толку подобро за ЕУ. Приватниот сектор е во фокусот на развојот, а КИФ е клучен играч во процесот на воспоставување законска рамка што ќе и’ овозможи на економијата да ужива во придобивките и да придонесува за функционирање на единствена економија, - рече Хаглејтнер.

Еден од приоритетите на КИФ во идниот период ќе биде и обезбедувањето помош за локалните компании и инвеститорите во регионот непречено да работат за време на пандемијата на корона вирусот, а за таа цел ќе бидат покренати иницијативи за воведување зелени линии за полесно движење - преминување на границите за деловни потреби во регионот, како и за регионално вмрежување за зголемување на производството на заштитна опрема.

Претседателите на шесте стопански комори, членки на КИФ попладнево ќе бидат примени од албанскиот премиер, Еди Рама, а потоа ќе разговараат со министерката за финансии и економија, Анила Денај.

 

 

 

 

Служба за информирање при Комората