НОВ ПРОИЗВОДСТВЕН ПОГОН НА НЈСК ХОЛДИНГ - првата македонска компанија лиценцирана за одгледување на канабис за медицински цели
➢ Актуелно (14.10.2020)
👁 Прочитано: 780



НОВ ПРОИЗВОДСТВЕН ПОГОН НА НЈСК ХОЛДИНГ - првата македонска компанија лиценцирана за одгледување на канабис за медицински цели

Во индустриската зона Ќојлија, општина Петровец, НЈСК Холдинг  инвестираше над 16 милиони евра во изградба на нов капацитет за производство на канабис за медицински цели.

Во новиот производствен погон, кој се протега на површина од 17.800 м² е имплементирана најнова технологија на градба, вградена е најсофистицирана опрема со примена на највисоките фармацевтски стандарди за одгледување на медицински канабис и негов третман до финален медицински производ како хербален продукт и негова преработка во висококвалитетен екстракт.

Процесот на производство е комплетно автоматизиран и контролиран од софтвер за контрола на темпаратура, влага, CO2, притисок и надпритисок и микробиолошка чистота на ниво на фармацевтски т.н. бели зони преку комплетно автоматизиран BMS систем.

Капацитетот располага со најсовремена лабораторија за хемиско и микробиолошко испитување на квалитетот и безбедноста на производите.

- Во време на криза направивме максимални напори да инвестираме во изградбата на овој капацитет и неговото опремување. Од основањето на компанијата нашите заложбите се насочени кон добивање на производ по највисоки европски и светски стандарди - изјави д-р Златко Кескоски, извршен директор на компанијата НЈСК Холдинг. Ова што денес го отвораме е најголем капацитет за одгледување на медицински канабис во Европа – истакна д-р Кескоски.

НЈСК Холдинг, членка на Стопанската комора на Македонија е дел од Групацијата PHCANN International. Од основањето во 2016 година, стратешка цел на компанијата е присуство на светските пазари. Во март 2020 година НЈСК Холдинг го доби највисокиот фармацевтски стандард на Европската Унија, EU GMP, за производство на активна фармацевтска состојка (API) и финални фармацевтски производи на база на канабиноиди. Компанијата извезува производи на сите континенти и во земјите членки на Европската Унија.

Љупка Самарџиска
виш советник во Стопанска комора на Македонија