Неделен коментар
   
Неделен коментар
05.07.2019 👁 Прочитано: 2300

ДА СЕ ЧЕКА ВО ЧЕКАЛНАТА ИЛИ НЕШТО ДА СЕ ПРАВИ?



М-р Зоран Јовановски

М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

Оптимистите велат, во октомври или до крајот на годината ќе добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Оптимизмот го темелат на ставот дека земјава со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција ја направи најголемата можна отстапка. Следствено, според оптимистите, земјата го заврши својот дел од работата, ја покажа на дело својата проевропска ориентација и заслужува да биде наградена со добивање датум за почеток на преговорите.

Песимистите, од друга страна, сметаат дека земјава датум нема да добие, ниту во октомври, ниту до крајот на годинава. Дел од нив причината за тоа ја гледаат во несреќниот сплет на околности, каде што домашните проблеми на најмоќните земји-членки на Унијата ги одредуваат и приоритетите на ЕУ („продлабочување пред проширување“), што придонесува како последица темата за проширување суштински да не е на агендата на Унијата. Макрон вели дека „се спротивставува на какво било проширување пред да се направи длабока реформа на институционалното функционирање на Унијата“, а Меркел ублажува со ставот дека „Германија цврсто стои зад европската перспектива на Западниот Балкан и ги поддржува земјите од регионот во нивните реформски напори“.

Има и песимисти кои причините ги бараат на домашен план. Тие мислат дека потпишувањето на Преспанскиот договор само по себе не е доволно, потребно е да се направат и некои важни домашни реформи.

Кога работите ќе се сумираат, се наметнува заклучокот дека датум за почеток на преговорите со ЕУ можеби ќе добиеме наскоро, а можеби и не, но едно е сигурно, ќе поминат години, веројатно и деценија (две?) пред да станеме членка на Унијата. Во такви околности се поставува логичното прашање: што сега? Да чекаме беспомошно, секоја земја во својата чекална или нешто да правиме?

Се разбира, неизбежно треба да си ја сработиме домашната задача и сé она што зависи од нас самите. Но, можностите за просперитет не завршуваат тука. За почеток, треба да погледнеме и пошироко, кон регионот на кој припаѓаме. Не сме сами во нашата приказна. Заедно со нас, на помалку или повеќе сличен начин, се и останатите земји од регионот на Западен Балкан - Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово. Некои земји со започнати, но не и многу далеку напреднати преговори, некои чекаат датум за почеток на преговори, а некои се уште поназад. Но, тука не мислам на сличноста само во поглед на оддалеченоста од влезот во ЕУ, туку на нашите економски приказни, сиромаштијата, одливот на луѓе од регионот, опустошените рурални средини, губењето на надежта...

Чекалната за Западен Балкан не е нов изум. Таа на одреден начин беше предвидена уште пред неколку години. Од Кабинетот на канцеларката Меркел излезе дипломатската иницијатива наречена „Берлински процес“. По Самитот во Берлин во 2014 година, следеа годишни самити во Виена, во Париз, во Трст, во Лондон. Основната цел е да се создаде регионална економска област Западен Балкан. Индивидуалните патеки на приближување кон ЕУ преку евроинтеграциските процеси нема да бидат прекинати, ќе бидат временски пролонгирани, но идејата е целиот регион да се подигне на економски план. За оваа цел се предвидени и финансиски средства од разни извори.

Деновиве во Познањ се одржува и најновиот Самит во рамките на „Берлинскиот процес“. Тоа е голем настан, ќе има Форум на тинк-тенк организации, Форум за граѓанско општество, Бизнис форум, министерски средби и Самит на лидерите. Една широка агенда што треба да укаже на потребата од сеопфатен пристап кон барањето решенија за проблемите кои го мачат целиот регион. Во економскиот дел, конкретно во Познањ, фокусот е ставен на обновливата енергија, развојот на дигиталната инфраструктура, прехранбениот сектор и употребата на технологијата во тој сектор. Но, не помалку важни се и инфраструктурните прашања во рамките на Агендата за поврзување, каде што фокусот е на обновата на пристаништа и на железнички пруги, изградба на интерконектори за земен гас, итн.

Во процесот што следува, важна улога, како крвоток на соработката, ќе имаат стопанските комори. Уште во 2015 година, во рамките на „Берлинскиот процес“ формиран е Коморскиот инвестициски форум (КИФ) што ги опфаќа стопанските комори од шесте земји од регионот, а од нашава земја учесник е Стопанската комора на Македонија.

На крајот, кога се сумира, работите во основа се многу едноставни. Има две патеки. Едната патека е секоја земја да си чека во својата чекална на претстојниот долгогодишен пат до влезот во ЕУ. Или, втората патека е патеката на интензивирана регионална економска соработка. Да бидеме умни и прагматични, сите во регионот, со цел да видиме како можеме повеќе да соработуваме и преку соработката да си ги олесниме и подобриме животите, поединечно како земји, но и групно како регион. Да се поврземе инфраструктурно, да ги поедноставиме процедурите, на пример, на царинска контрола. Да го промовираме регионот како инвестициска целина за странските инвеститори. Еве, драстичното поевтинување на роамингот во нашиот регион е убав пример за регионална соработка.

Едно е сигурно. На крајот на денот, секое семејство во регионов треба да стави храна на масата. Сé друго се муабети.

ПОВРЗУВАЊЕ НА УСПЕШНИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ЗЕМЈАТА И СТРАНСТВО

КАКО ТРЕБА ДА СЕ МЕНУВААТ ДАНОЦИТЕ?

Зголемување на минималната плата, про и контра

ДУИНГ БИЗНИС И БИЗНИСОТ

ДАТУМ НЕМА, ДА СЕ ДЕПРИМИРАМЕ ИЛИ ДА СЕ МОТИВИРАМЕ?

СВЕТСКА БАНКА, ПРОДУКТИВНОСТА, МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА, ГЛОБАЛНИТЕ ТРГОВСКИ ВОЈНИ

ГОЛЕМИ РИБИ ВО МАЛ АКВАРИУМ

ПРВАТА ГОЛЕМА ГЛОБАЛНА ЛЕКЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ

ВАЖЕН МОМЕНТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИНДУСТРИЈА

БУРА ВО СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА, КАКО ЌЕ СЕ СПРАВИМЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ?

56ТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО НЕ Е САМО ЗА СУДИИТЕ И АДВОКАТИТЕ

ЛУД, ЗБУНЕТ, НОРМАЛЕН...

ДОАЃААТ ПОТЕШКИ ВРЕМИЊА ЗА НЕЕКОЛОШКИ БИЗНИСИ

РАЗУМНОСТ ВО ПРАКСА

ШТО НЕ Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ЗАПРЕ?

ШТО Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖИ?

КАКО ГЛЕДА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА НА ЕКОНОМИИТЕ ОД ЗАПАДНИОТ БАЛКАН?

ИМА УШТЕ МНОГУ РАБОТА КАЈ ПОЛИТИКИТЕ ЗА МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО ЗАПАДНИОТ БАЛКАН

ДА СИ ПОВТОРИМЕ

МАКЕДОНСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО – ПРАШАЊА ШТО БАРААТ ОДГОВОРИ

НИШТО НЕ Е НЕВОЗМОЖНО

ПРАЗНИЦИТЕ И ЕКОНОМИЈАТА

ВАЖНИ ПОРАКИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ОД „САРАЕВО БИЗНИС ФОРУМ 2019“

КОЈ КОЛКУ РАСТЕ ЕКОНОМСКИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН?

БИЗНИС СЕКТОРОТ И НАСЕЛЕНИЕТО СЕКОГАШ ГО НАОЃААТ РАЦИОНАЛНИОТ ПАТ

ЧЕТИРИ СТРАТЕШКИ ОДЛУКИ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

СИРОМАШНА ДРЖАВА СО НЕИСКОРИСТЕНИ РЕСУРСИ

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ЕКОНОМИЈАТА

ПОПИСОТ КАКО ОСНОВА ЗА ВАЖНИ ЕКОНОМСКИ ОДЛУКИ

НАЦИОНАЛЕН КОНСЕНЗУС ОКОЛУ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

ЕКОНОМСКА ФИЛОЗОФИЈА ШТО МОТИВИРА ИЛИ ДЕМОТИВИРА

Што е, всушност, Коморскиот инвестициски форум?

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР