АГЕНЦИИТЕ ЗА НЕДВИЖНОСТИ ГИ АКТУЕЛИЗИРАА ЗАЛОЖБИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ ЗАКОН ЗА ПОСРЕДУВАЊЕ ВО ПРОМЕТОТ СО НЕДВИЖНОСТИТЕ
➢ Актуелно (17.10.2018)
👁 Прочитано: 1351



АГЕНЦИИТЕ ЗА НЕДВИЖНОСТИ ГИ АКТУЕЛИЗИРАА ЗАЛОЖБИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ ЗАКОН ЗА ПОСРЕДУВАЊЕ ВО ПРОМЕТОТ СО НЕДВИЖНОСТИТЕ

Групацијата на агенции за недвижности при Стопанската комора на Македонија, на седницата одржана на 17.10.2018 година, дискутираше за активностите преземени во рамките на заложбите за донесување закон за посредување во прометот со недвижностите и потребата за конечно отпочнување на процесот за донесување на ова законско решение, со цел регулирање на пазарот на недвижности и уредување на дејноста за посредување во прометот со недвижностите, како и подигнување на квалитетот на работењето на агенциите на повисоко ниво.

Mchamber

Во рамките на ваквите заложби на Групацијата, изминатите години беше  формирана Работна група во Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии, составена од претставници на министерствата за правда, економија, транспорт и врски, Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи, како и претставници на коморите, која работеше на изготвување на конкретен текст на закон за посредување во прометот со недвижностите. Текстот на работната верзија на законот беше изготвен и усогласен од страна на Работната група, меѓутоа, процесот за негово донесување сė уште не е започнат поради неможноста да се утврди кое министерство ќе биде надлежно за овој процес.

Во таа насока, на седницата се дискутираше за потребата Групацијата повторно да иницира состанок на Работната група за преземање натамошни активности за донесување на подготвениот законски текст, од што, според Групацијата, зависи и иднината на дејноста и препознатливоста на професијата агент за посредување во прометот со недвижности, имајќи предвид дека при подготовката на текстот на законот се следени примери од искуствата на земјите од регионот и развиените европските држави.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2017 година се регистрирани 566 активни деловни субјекти кои вршат дејности во врска со недвижен имот, а бројот на вработени во дејноста изнесува 1702 лица.

м-р Нена Николовска