ИНТЕРВЕНЦИИ ВО ЗАКОНИТЕ, СОРАБОТКА СО ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА И ДИРЕКТНО СО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА, КАКО ПРЕДЛОГ РЕШЕНИЕ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА СТРУЧЕН КАДАР, ПРЕДЛАГААТ БИЗНИСМЕНИТЕ ОД ПРИЛЕПСКИОТ РЕГИОН
➢ Актуелно (23.11.2018)
👁 Прочитано: 1045



ИНТЕРВЕНЦИИ ВО ЗАКОНИТЕ, СОРАБОТКА СО ЛОКАЛНАТА  САМОУПРАВА И ДИРЕКТНО СО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА, КАКО ПРЕДЛОГ РЕШЕНИЕ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА СТРУЧЕН КАДАР, ПРЕДЛАГААТ БИЗНИСМЕНИТЕ ОД ПРИЛЕПСКИОТ РЕГИОН

Претседателката на Регионалната комора со седиште во Прилеп, Ирена Јакимовска, на прес конференција информираше за активностите  на Работната група која работи во склоп на Регионалната комора Прилеп, со цел анализа на проблемот со недостигот на квалификувана работна сила во стопанството, во регионот и пошироко.

Претседателката Јакимовска информираше дека Работната група прави длабински анализи за причините и последиците од проблемот со недостиг на работна сила.

Првичните резултати од истражувањето на Работната група ги презентираа Јасмина Цветаноски, раководител на Човекови ресурси во компанијата Комфи Ангел, координатор на групата и Орде Ѓорѓиоски, директор на правен сектор во компанијата Витаминка .

Во презентацијата на двајцата  дискутанти преовладуваше констатацијата дека една  од главните причини за овој проблем е во нееднаквиот третман на домашните компании и компаниите од ТИРЗ, што се рефлектира со флуктуација на кадрите во странските компании.

Како друга причина се посочи несоодветноста на постоечкиот кадар според  потребите на стопанството, односно дека средните стручни училишта не продуцираат кадар погоден за стопанството во регионот

Дискутантите напоменаа дека за надминување на гореспоменатите причини треба интервенции и во законската регулатива.

Согласно нивното излагање и констатираните проблеми, посочија свои видувања и сугестии за надминување на проблемот со акцентирање на краткорочни и долгорочни мерки за решавање на истиот.

Работната група изнесе и конкретни предлози за ублажување на овој проблем преку заедничка соработка со локалната самоуправа и другите државни институции, односно за следната година да се направи точна анализа какви кадри се потребни во  стопанството и врз основа на тие податоци средните училишта да продуцираат такви струки.

Од сето погоре кажано, како заклучок на Работната група за надминување на оваа состојба е интензивирање на  соработката со средните стручни училишта, Македонскиот Центар за Граѓанско Образование,Стопанската Комора на Македонија како и активно учество во Проектот на Амбасадата на Швајцарија во Македонија, Е4Е@mk.

Горан Попоски