ОДРЖАНА СЕДНИЦА НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ПРИЛЕП
➢ Актуелно (07.12.2018)
👁 Прочитано: 945



ОДРЖАНА СЕДНИЦА НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ПРИЛЕП

Регионалната комора со седиште во Прилеп при Стопанската комора на Македонија, на 7 декември 2018 година, одржа седница, на којашто присуствуваа и проф. д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, проф. д-р Бардул Даути, министер без ресор задолжен за странски инвестиции во Владата на Република Македонија, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, како и градоначалникот на Општина Прилеп, д-р Илија Јованоски.

 Анѓушев

На седницата акцент се стави на актуелните состојби во стопанството на регионално ниво, проблемите, предизвиците и перспективите на локалната економија согласно актуелните економски движења во државата.

Пред да се отвори дискусија по оваа тема, свое излагање имаше Јасмина Цветаноски, раководител на Секторот за човекови ресурси при компанијата „Комфи Ангел“ и координатор на Работната група која го третира овој проблем и континуирано прави длабински анализи за причините и последиците поради недостиг на квалификуван кадар и воопшто работна сила. Причината не е само иселувањето во земјите на Западна Европа, туку и големиот број слободни работни места во земјите-членки на ЕУ, како Полска, Чешка, Словачка.

Анѓушев

Проф. д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, во своето излагање ги изнесе мерките на Владата на РМ, во однос на финансиската поддршка на стопанството изразени преку Законот за финансиска поддршка и мерките на Фондот за иновации и технолошки развој.

Исто така, д-р Анѓушев се осврна и на измените во Законот за прекршоци, со кој се предвидува драстично намалување на казните и првенствено предупредување на компаниите, па како крајна мерка казнување.

Анѓушев

Во понатамошната дискусија активно се вклучија и останатите присутни, при што се посочи проблемот со недостигот на соодветна работна сила, како заеднички на сите компании, а се наметнаа и други проблеми на компаниите како: акцизата за пиво, лиценците за продажба на алкохол, проблеми со кои се соочуваат фирмите при вадењето  дозволи за градба и сл.

Акцент се стави и на изградбата на експресниот пат Градско - Прилеп и активностите за изградбата на гасоводот.

Анѓушев

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во своето обраќање го истакна придонесот на Комората во соработката на стопанството со Владата, при што напомена дека како Комора ќе го задржиме достоинството и ќе бидеме кооперативни во понатамошното решавање на проблемите.

Горан Попоски