ИНФРАСТРУКТУРАТА И РАБОТНАТА СИЛА ПРИОРИТЕТНИ ЗА РЕШАВАЊЕ ВО ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН – ПОРАКА ОД БИЗНИС СЕКТОРОТ ДО ВЛАДАТА
➢ Актуелно (30.03.2019)
👁 Прочитано: 5942



ИНФРАСТРУКТУРАТА И РАБОТНАТА СИЛА ПРИОРИТЕТНИ ЗА РЕШАВАЊЕ ВО ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН – ПОРАКА ОД БИЗНИС СЕКТОРОТ ДО ВЛАДАТА

Бизнисмените од Пелагонискиот регион на работна средба со највисокиот владин тим во Прилеп ги испорачаа клучните економски проблеми кои се дефинирани како кочница за нивниот среднорочен и долгорочен развој. Стопанствениците членки на регионалните комори со седиште во Прилеп и во  Битола при Стопанска комора на Македонија се сретнаа со премиерот, со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и со министерот за транспорт и врски и во директна комуникација ги презентираа за нив приоритетните прашања.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Прилеп, Ирена Јакимовска, како домаќин на состанокот, потенцираше дека за бизнис секторот најинтервентно е потребно решавање на патната инфраструктура во Пелагонискиот регион, од која во еден значаен дел зависат и понатамошните вложувања во регионот со цел негов економски развој. Од исклучително значење е изградба на експресниот пат Градско - Прилеп - Меџитлија, автопат на релација Битола - Прилеп, соодветно решавање на патниот правец Битола - Охрид. Но се бара изградба и на експресниот пат Битола – Прилеп - Велес за што, како што велат, проекциите се дека ќе се скрати патувањето за најмалку 30 километри на оваа релација. 

Втор значаен проблем кој мора да се реши е преземање активности во рамки на образовната политика за постепено решавање на се` поголемиот недостаток на квалификувана работна сила, со акцент на функционирање на дуалното образование во средните стручни училишта и блиска соработка со компаниите при негова реализација, со можност за воведување и стипендирање за потребните кадри.

Третиот клучен проблем, како што посочи претседателката Јакимовска, е изработка на оперативна програма (поддржана со стратешко планирање), преку која ќе се обезбеди потенцијална работна сила во земјата со либерализирање на дозволите за увоз.

Согласно нејзиното укажување, од исклучително значење за овој регион е дефинирање на конкретен план како овие три клучни проблеми и во кој временски рок ќе бидат реализирани, со цел бизнис секторот да може да прави реални планирања за своето работење.

Нема план за развој на државата без план за развој на компаниите, а тие пак се соочуваат со многу сериозен проблем - недостигот на работна сила поради што не може да го планираат својот развој, истакна премиерот Зоран Заев на средбата со стопанствениците. Поддржувајќи ги барањата на бизнис секторот, премиерот констатираше дека намерата на Владата е преку соодветни политики да обезбеди амбиент за бизнис секторот да може да инвестира, да вложува и да креира раст и продуктивност во своето работење. При тоа, тој изрази уверување дека со отворање на поглавјата со Европската унија за влез на земјата во ЕУ-семејството, најголем број од средствата ќе бидат насочени кон поддршка на бизнис секторот, а за тоа реално да биде искористено, потребно е компаниите да работат на својата иновативност, подигнување на степенот на конкурентност, за се` заедно да доведе до поголема продуктивност на производните процеси.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација  со економските ресори во Владата, д-р Кочо Анѓушев, сослушувајќи ги барањата на стопанството од Пелагонискиот регион, посочи дека проблемот од недостиг на работна сила e констатиран и од владиниот тим како едно од најсериозните прашања кое има потреба од итни мерки. За таа цел, Владата преку Агенцијата за вработување има обезбедено за оваа година 20 милиони евра средства коишто компаниите може да ги користат за преквалификација и доквалификација на потребниот кадар во своите фирми. Не помалку важно е и воведувањето на дуалното образование како успешен модел на образование во неколку развиени европски земји вклучително и Германија, за што заменик-претседателот на Владата истакна дека е систем кој бара одреден временски период за да се реализира. Во таа насока, ефектите кои би ги дал овој систем не може да се видливи веднаш, но на одреден среден рок ќе бидат успешен модел. Оттука, Владата веќе разгледува опции како дуалниот образовен систем да го имплементира во домашното стручно техничко  образование, за што се користат и искуствата на Германија, Австрија, Швајцарија, а ќе има потреба за соработка и законско усогласување со Министерството за образование и Министерството за труд и социјална политика.

За инфраструктурните проблеми и барања на бизнисот, министерот за транспорт и врски, м-р Горан Сугарески, пред стопанственици кои во огромен број беа присутни на состанокот, информираше дека согласно владиниот план во следните две години ќе се работи на еден автопат, неколку експресни и повеќе локални патишта во Пелагонискиот регион. Ќе се реализира автопатското решение меѓу Прилеп и Битола, експресниот пат на потегот Градско - Прилеп и Битола - Меџитлија, ќе се реконструираат веќе постојниот правец Прилеп - Тополчани и повеќе локални патишта меѓу населените места. Сугарески информираше и за инвестицијата на гасификацијата во регионот, како и за железничкото поврзување во насока на подигнување на инфраструктурниот капацитет на регионот со цел бизнис секторот да обезбеди поголема конкурентност на своето производство.

Претседателот на Регионалната Комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, како претставник на бизнис секторот од Пелагонискиот регион кој е еден од трите најзначајни плански региони во земјата со Скопскиот и Југоисточниот по учеството во креирање на националниот бруто домашен производ, истакна дека инфраструктурните проекти се основата за генерирањето на економскиот раст во регионот и со тоа ја посочи потребата за нивно што побрзо реализирање.

Средбата беше заокружена со порака од премиерот Заев дека предлозите и иницијативите што ги испорачува бизнис секторот се од големо значење за креирање на владините мерки за креирање на економската политика на државата. Во таа насока, претседателот на Регионалната комора со седиште во Прилеп, Ирена Јакимовска, порача дека заклучоците од бизнис секторот од Пелагонискиот регион кои се веќе констатирани на заеднички состанок во февруари годинава во Битола, а пренесени и директно денеска на средбата со владиниот тим, во форма на писмен допис ќе бидат доставени до Владата.

м-р Никола Димковски
Горан Попоски