ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
05.06.2019 👁 Прочитано: 606

ГОЛЕМ ХУМАНИТАРЕН ГУРМАНСКИ ПИКНИК


СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ И СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА ОРГАНИЗИРААТ ПИКНИК ВО ГРАДСКИОТ ПАРК ВО СКОПЈЕ

Претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, м-р Штефан Петер, на прес-конференцијата одржана на 5.6.2019 година, го најави четвртото издание на  јавниот хепенинг, т.н. „Светски пикник“, кој ќе биде отворен за сите посетители.

ГОЛЕМ ХУМАНИТАРЕН ГУРМАНСКИ ПИКНИК - СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ И СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА ОРГАНИЗИРААТ ПИКНИК ВО ГРАДСКИОТ ПАРК ВО СКОПЈЕ-Еден од препознатливите настани на Советот на странски инвеститори и Стопанската комора на Македонија, кој веќе станува традиционална манифестација од хуманитарен тип, е и „Светскиот пикник“. Како интересна идеја, произлезена токму од самите компании, „Светскиот пикник“ претставува своевиден спој на забавни и општествено корисни содржини преку кои се запознаваме со странските инвеститори во земјата на неформален начин. По големиот успех од минатогодишните изданија на „Светскиот пикник“, продолжуваме да ја одржуваме идејата за промовирање на позитивните ефекти на странските инвеститори врз националната економија по пат на неформално дружење и претставување на културата на земјите од каде што потекнуваат преку најавтентичните рецепти од нивните национални кујни, како и другите културни обележја. Во суштина, најдобриот начин да се запознаат странските инвеститори е преку нивната традиционална храна, - истакна Петер.

Оваа година „Светскиот пикник“ ќе се организира по четврти пат, на 9 јуни во Градскиот парк, зад споменикот на Гоце Делчев, со почеток во 12:00 часот, каде што граѓаните ќе имаат можност да ја вкусат традиционалната храна на дванаесетина земји од каде што доаѓаат странските инвеститори во земјава. Средствата собрани од организацијата на овој настан ќе се искористат за хуманитарни цели, односно оваа година ќе бидат донирани на ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас - Битола. 

На таков начин, придобивките за заедницата се повеќестрани и се состојат во приближување на странските инвеститори до граѓаните со нивната култура и традиција преку традиционалната храна на еден неформален начин, во релаксирана атмосфера, со музика, забава и анимирање на разни интересни групи на посетители, вклучувајќи ги и најмладите, претставниците од компаниите, медиумите и воопшто граѓаните, но исто така многу позначајна придобивка е хуманитарната димензија на овој настан, што ја покажува цврстата определба на странските инвеститори да бидат пример за општествено одговорно и грижливо работење, потенцира Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.

Влатко Стојановски

ГОЛЕМ ХУМАНИТАРЕН ГУРМАНСКИ ПИКНИК