ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ДАНОЦИ И ЦАРИНИ
12.06.2019 👁 Прочитано: 519

НОВ СИСТЕМ ЗА ОБРАБОТКА НА ЦАРИНСКИ ДЕКЛАРАЦИИ И АКЦИЗНИ ДОКУМЕНТИ


Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Царинските политики на ниво на Европската унија и фокусираноста на царинските служби се водат од потребата за олеснување на трговијата во рамките на Унијата и со трети земји, како и од потребата за заштита на финансиските интереси на Европската унија и нејзините граѓани, заштита на нивната безбедност и сигурност. Значи, традиционалната улога на царинските служби која првенствено се состоеше во грижата за наплата на царински давачки и индиректни даноци при увоз, се менува при што сé повеќе фокусот се става на безбедноста и сигурноста, како и на заштита на интересите на граѓаните на ЕУ.

Сите земји-членки на Европската унија се дел од Царинската унија на ЕУ и ги следат истите царински правила и процедури, за што е неопходна целосна  усогласеност на законодавството на државите членки и адекватно спроведување на истото, како и соодветен капацитет за негово спроведување и пристап до заедничкиот компјутеризиран царински систем.

Во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на нашата држава (COMMISSION STAFF WORKING DOCUMENT North Macedonia 2019 Report), за Поглавјето 29 кое се однесува на Царинската унија се констатира дека земјата одржува добро ниво на подготвеност. Констатиран е добар напредок заради подготовката на новиот електронски систем за обработка на царински декларации и акцизни документи. Понатаму, во Извештајот се препорачува комплетирање и примена на ИТ-системите и обезбедување на нивно континуирано следење, надградба и одржување. 

Непосредно по објавувањето на Извештајот, нашата Царинската управа од 1 јуни 2019 година стартуваше со примена на новиот електронски систем за обработка на царински декларации и акцизни документи. Со негова примена се поедноставува работата на сите учесници во царинската и надворешно-трговската постапка, а нашата земја е чекор понапред кон исполнување на барањата на ЕУ. Имплементирањето на овој систем овозможува царинските постапки кои досега се реализираа на хартија да бидат заменети со електронски постапки. Со автоматизирањето на постапките се намалува можноста за човечки грешки, како и ризикот од недозволени дејствија и корупција.

За бизнисот, односно за економските оператори, примената на новиот систем треба да овозможи намалување на времето на поднесување на царински декларации, поедноставување на процесите и намалување на трошоците. За да се обезбеди пристап до новиот електронски систем за обработка на царински декларации и акцизни документи економските оператори мора да поседуваат електронски потпис (сертификат), да имаат одобрен пристап до системот, а ако поднесуваат царински декларации како застапници да имаат добиено Одобрение за застапување. Економските оператори до новиот електронски систем за обработка на царински декларации и акцизни документи можат да пристапуваат преку сопствени системи или со користење на Порталот за трговци на Царинската управа.

Иако, во почетната фаза од примена на новиот електронски систем за обработка на царински декларации и акцизни документи постапките се спроведуваат паралелно во електронска и во хартиена форма со цел да се избегнат одредени пропусти до моментот на утврдување на целосна функционалност на истиот, во иднина овој систем ќе овозможи значително поедноставување на процесите и тpoшоците, како резултат на протокот на електронски информации помеѓу сите учесници во процесот на царинските и акцизните постапки во националниот, надворешниот и заедничкиот домен на ЕУ.

НОВ СИСТЕМ ЗА ОБРАБОТКА НА ЦАРИНСКИ ДЕКЛАРАЦИИ И АКЦИЗНИ ДОКУМЕНТИ
НОВ СИСТЕМ ЗА ОБРАБОТКА НА ЦАРИНСКИ ДЕКЛАРАЦИИ И АКЦИЗНИ ДОКУМЕНТИ
НОВ СИСТЕМ ЗА ОБРАБОТКА НА ЦАРИНСКИ ДЕКЛАРАЦИИ И АКЦИЗНИ ДОКУМЕНТИ