ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ОБРАЗОВАНИЕ
25.07.2019 👁 Прочитано: 923

ЗОШТО СТАНДАРД НА КВАЛИФИКАЦИЈА ?


Кога зборуваме за воведување стандарди тоа значи сериозен пристап во процесите, квалитет во работењето и осигурување дека има систем и некој стои зад тоа што е сработено. Стандардот на квалификација покажа дека сериозно се размислува за осигурување на квалитетот во оспособување на поединецот за живот и брзо и лесно вклопување на работното место, на што го става фокусот и Европската комисија. Во него се пропишани сите критериуми, начини и можности за стекнување на квалификацијата. Тоа значи дека знаењата, вештините и компетенциите треба да бидат видливи за да се препознаат од страна на оној кој вработува. Доколку не се исполнети условите и критериумите од стандардот на квалификација не можеме да зборуваме за оспособен квалитетен кадар според реалните потреби и за доверба во истиот.

Анализите на Европската тренинг фондација за работната сила во нашата земја утврдија низок степен на основни вештини кај поединците, вештини кои се стекнуваа со завршување на основното образование или квалификација од ниво I од Националната рамка на квалификации, а цената за тоа ќе ја платат работодавачите. Не случајно во минатиот текст реагиравме дека не смее да се изгласа Законот за основно образование без Стандард на квалификација, каде ќе се опишат функционалните знаења и основните вештини кои треба да се стекнат, а наставната програма мора да се заснова на Стандардот на квалификација. За тоа треба да реагираат и релевантните институции.

Изработката на Стандардот на квалификација е процес кој опфаќа многу учесници и ја подобрува комуникацијата помеѓу образованието и реалниот сектор. Истовремено ги пресликува барањата на работодавачите, барањата за учење и барањата за проверка на наученото и со тоа ја насочува наставната програма за стекнување вештини и компетенции според реалните состојби и стекнување релевантна квалификација според потребите на пазарот на труд. Стандардот е одговор на прашањата што секој ги поставува: Што може да работи и за што е оспособен ученикот кога ќе биде вработен? Што треба теоретски и практично да научи за да може ефикасно да работи? Како ќе бидеме сигурни дека ученикот има научено и е способен ефективно да работи со стекнатата квалификација кога ќе се вработи? Одговорот произлегува од Стандардот на занимање, вклучен во Стандардот на квалификација, во кој се изразени барањата на работодавачите за вршење на задачите во определен работен процес во самото занимање. Со тоа се нудат информации за учениците за профилот на работата и осигуруваат дека квалификациите се релевантни на барањата на реалниот сектор и потребите на пазарот на труд. И земјите од Западен Балкан, како Црна Гора, Србија, Косово и др. ја сфатија оваа потреба и посветено работаат на таа потреба.

Ние во нашата земја ги завршивме активностите околу стандардите, останува само внесување во законската регулатива за да се олесни процесот на имплементација. Останува да се работи на свеста дека оспособената и квалификувана работна сила со соодветно образование и обука е клучниот фактор за бизнис заедницата и има директен ефект врз економијата и пазарот. Тоа значи, испораката на образование и обука според релевантните потреби, посебно кога станува збор за стручното образование и обука, доведува до економски напредок и одржливост. Доколку сите правилно ја насочиме енергијата, може да очекуваме промени.

ЗОШТО СТАНДАРД НА КВАЛИФИКАЦИЈА ?