ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ОБРАЗОВАНИЕ
05.09.2019 👁 Прочитано: 463

НОВИТЕ ПАЗАРНО ОРИЕНТИРАНИ ОБРАЗОВНИ ПРОГРАМИ И ВРЕДНУВАЊЕТО НА НАСТАВНИЦИТЕ


Наташа Јаневска
м-р Наташа Јаневска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Од оваа учебна година започнува реализацијата на новите образовни програми за техничкото стручно образование, модуларно дизајнирани, модернизирани, изработени во соработка со директно учество на реалниот сектор. Дизајнирани се 1000 модуларни образовни програми во кои 55% од предметите се стручни, додека 45% се општо образовни предмети во насока на струката. Програмите се базираат на резултати од учењето, реализацијата на практичната обука кај работодавач е во фокусот на програмите, а предвидените знаењата и стручните вештини што треба да ги стекнат учениците се дизајнирани според барањата и потребите на реалниот сектор, идентификувани на терен. Стопанската комора на Македонија е активно вклучена во процесите на реформата во насока на подигање на квалитетот на образованието за поголема продуктивност на трудот, конкурентност на економијата и намалување на неусогласеноста на понудата на вештини и компетенции и побарувачката на пазарот на труд. Само оспособен стручен кадар може да ја зголеми продуктивноста на компанијата.

Од друга страна, учебната година започнува со штрајк за покачување на платата на наставниот кадар, бидејќи не е доволно вреднуван за неговата работа, истиот оној кадар кој треба да ги реализира новите образовни програми и да ги подготви учениците кои се носители на општествените промени во државата за полесен трансфер од училишната кон работната средина или за продолжување на образованието.

И сега се јавува сомнеж дали квалитетно ќе бидат реализираат новите образовни програми кога имаме незадоволен наставен кадар и дали реално е вреднувана наставничката професија? Вреднувањето на работата и висината на платата е важна мотивација за посветено и квалитетно работење.

Ако се погледнат податоците од Државниот завод за статистика, висината на вкупната исплатена просечна нето-плата за последната 2018 година, во нашата држава изнесува 24.276 денари, додека висината на вкупната исплатена просечна нето-плата во образованието изнесува околу 23.448 денари. Тоа укажува на фактот дека вкупната исплатена просечна нето-плата во образованието е помала од вкупната исплатена просечна нето-плата во нашата држава и упатува на еден негативен тренд на вреднување на работата на наставниците, што влијае на квалитетот во работењето кај наставниците.

Споредено со синдикалната потрошувачка кошничка која изнесува 32.514 денари, може да се заклучи дека исплатената просечна нето-плата во образованието не ги задоволува минималните потреби за еден пристоен живот на наставничкиот кадар, а не смеат да се занемарат и потребните дополнителни средства за други животни потреби, негово стручно усовршување, образование на нивните деца, одмор и сл . Разликата помеѓу потребните финансиски средства за задоволување на основните животни потреби (синдикалната потрошувачка кошничка) и просечната исплатена нето плата во образованието изнесува 9.066,08 денари.

Доколку се направи споредба на растот на платата во образованието, од 2012 година до 2018 година, и растот на потрошувачката кошничка се забележува дека со растот на потрошувачката кошничка расте и платата, но сепак, до денес, вкупната исплатена просечна нето-плата во образованието не ја надминала потрошувачката кошничка што може да се забележи од табелата подолу.

Наташа Јаневска

Ако се направи споредба на разликата помеѓу синдикалната минимална кошничка и исплатената просечна нето-плата во образованието , за истиот период, се забележува дека со текот на годините разликата опаѓа, но факт е дека и во 2018 година има голема разлика, која изнесува 27,88 %.

Наташа Јаневска

Овие податоци укажуваат дека исплатената просечна нето-плата во образованието е под просечната нето-исплатена плата во државата и под износот на синдикалната потрошувачката кошничка. Тоа влијае на мотивацијата во работењето на наставниците и се одразува на квалитетот во образованието, а без квалитетно образование не може да се очекува промени во општеството, намалување на невработеноста, раст на продуктивноста на трудот и зголемување на конкурентноста на нашата економија.

НОВИТЕ ПАЗАРНО ОРИЕНТИРАНИ ОБРАЗОВНИ ПРОГРАМИ И ВРЕДНУВАЊЕТО НА НАСТАВНИЦИТЕ