ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ФЕЉТОН: ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО
02.10.2019 👁 Прочитано: 302

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС


Тркалезната маса за владеење на правото и бизнисот беше реализирана во Стопанската комора на Македонија, со учесници од различни области (Делегација на Европската унија во земјава, бизнис-секторот со претставници од домашните компании и од странските инвеститори, универзитетски професори, медиуми, научна и стручна јавност).

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИСБизнисот секогаш бара доверба, сигурност и правен континуитет. Она што вообичаено го слушаме од компаниите - членки на Стопанската комора на Македонија е дека принципот на владеење на правото се` повеќе го поткопуваат проблемите поврзани со „сивата“ економија, корупцијата, нееднаквите правила на игра за сите чинители во економијата, бавното работење на државните служби при решавање одредени акутни проблеми од административен и технички карактер, дискреционите овластувања на надлежните институции вклучувајќи ги и судовите, бавните судски постапки, како и преголемата регулација во одредени подрачја и во случаи кога тоа не е неопходно. Начелна оценка е дека деловното опкружување на земјата сѐ уште не е на задоволително ниво.

ПРЕПОРАКИ за градење ефикасен правен систем:

- Доверба во институциите на системот - да се вложат напори од страна на сите општествени чинители за преземање мерки, активности и промени кои ќе придонесат за јакнење на довербата и во државата како целина и во судството, но и во сите релевантни јавни институции, како една од основните претпоставки за владеење на правото во државата;

- уредување на односите меѓу сите општествени чинители за почитување на правото и институциите на системот, во кој покрај централната и локалната државна власт, главните „стејкхолдери“ во процесот на градење на предвидлив, ефикасен, транспарентен и стабилен правен систем, треба да бидат и бизнис-заедницата, академската заедница, невладиниот сектор, синдикатите, меѓународната заедница, но и инклузивноста на граѓаните;

- ефикасноста на институциите на системот да придонесе за поттикнување на економскиот раст, а со тоа и на благосостојба на граѓаните и подобри услови за живот воопшто;

- безбедноста и правдата се вредности за кои нема супститут и токму затоа тоа е алфа и омега во една држава за да може да биде основа за создавање услови за економски и општествен напредок, подобра бизнис-клима и поголема правна сигурност;

- владеењето на правото, во смисла на предвидливо бизнис-опкружување, правна сигурност, легалитет, еднакви правила на игра, поефикасна администрација, превентивно делување за спречување на корупцијата, „сивата“ економија и организираниот криминал и ефикасен пристап до правдата, што подразбира непристрасност и независност на правосудните органи и фер судење се битна претпоставка и за домашните и за странските инвеститори, при креирањето на нивните планови за инвестирање, но и за нивната ликвидност, опстанок и натамошен развој;

- итни превентивни и репресивни мерки за надминувањето на проблемите поврзани со:

ü спората администрација;

ü паралелизмот или преклопувањето на надлежностите на бројни државни институции (агенции, комисии, управи);

ü развивањето на слободни медиуми – чувари на демократијата и

ü создавање амбиент на „неисплатливост“ на почитување на регулативата и свест дека не може да се помине неказнето во случаите на злоупотреба на службената положба и овластувања;

- користењето на алтернативните методи за решавање на споровите меѓу деловните субјекти (арбитража, медијација), e прашањe кое заслужува посебно внимание од аспект на поефикасно решавање на споровите меѓу деловните субјекти;

- соодветна имплементација на донесените прописи, од причина што колку и да се добри законите, тие ќе останат „мртво слово на хартија“ доколку правилно и во целост не се имплементираат во пракса;

- бизнис-заедницата укажува дека претераната регулација претставува проблем, особено во подрачја каде што тоа навистина не е потребно, но уште поголем проблем претставува постоењето на прописи кои не се почитуваат и применуваат соодветно во практиката . Ова значи дека ex ante и ex post законодавната проценка треба да се изврши при решавање на прашањето за владеење на правото.

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС