ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
09.10.2019 👁 Прочитано: 163

ПОТРЕБАТА ОД СТРУЧЕН КАДАР ВО ТРГОВИЈАТА


Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија одржа седница на која се дискутираше за тековните активности што ги презема Комората во насока на предлагање решенија за унапредување на законската регулатива и промени во образованието со цел продуцирање стручен кадар согласно потребите на бизнисот, како и за определување на стратешките правци во натамошното делување и работење на Комората која како најстара и најбројна бизнис асоцијација во земјата во своето работење се стреми да ги следи динамичните економски односи и деловниот амбиент во кој работат компаниите.

На седницата беше одржана презентација на тема „Стручен кадар по мерка на бизнисот“ како еден сегмент од анализите изработени од Комората во областа на образованието и работната сила. М-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија, во рамки на презентацијата посочи дека во насока на обезбедување на потребниот кадар за компаниите од големо значење е учеството на бизнис секторот во модернизирањето на образовните програми поради нивната стручност и познавања од областа на практичното работење, креирањето соодветна уписна политика која во моментот не ги следи потребите на стопанството, како и соодветната практична обука на работно место која мора да биде составен дел на стручното образование.

-Комората ќе дејствува во насока на предлагање мерки со кои работодавачите ќе бидат поттикнати да спроведуваат практични обуки за учениците, ќе се стипендираат  ученици кои ќе го продолжат образованието во дефицитарните струки и ќе се креира ефективна уписна политика со која ќе се поттикне запишувањето на техничките факултети, - заклучи м-р Анета Трајковска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.

М-р Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања, говореше за стратешките правци во натамошното делување и работење на Комората. - Економските околности и бизнис амбиентот се менуваат постојано, се користат нови технологии во производството, се појавуваат иновации кои го менуваат начинот на водење бизнис и ги прават деловните односи многу динамични што неизбежно бара приспособување и континуирано надградување на економските субјекти, вклучително и на Комората, - истакна Јовановски.

Компаниите дадоа поддршка на активностите на Комората и истакнаа дека темите кои беа предмет на разгледување на седницата се од особена важност за унапредување на деловниот амбиент и надминување на проблемите од аспект на стручниот кадар со кој во моментот се соочуваат голем дел од компаниите.

м-р Нена Николовска

ПОТРЕБАТА ОД СТРУЧЕН КАДАР ВО ТРГОВИЈАТА