ПЕКАБЕСКО – 40 ГОДИНИ ПРЕПОЗНАТЛИВ БРЕНД ВО ПРОИЗВОДСТВОТО НА СУВОМЕСНИ ПРОИЗВОДИ

   

👁 Прочитано: 326


ПЕКАБЕСКО – 40 ГОДИНИ ПРЕПОЗНАТЛИВ БРЕНД ВО ПРОИЗВОДСТВОТО НА СУВОМЕСНИ ПРОИЗВОДИ

Од мала фирма – дистрибутер на само еден бренд пред околу 4 децении, денес Пекабеско претставува компанија со над 480 вработени, која има два сопствени производни капацитети и логистичко-дистрибутивен центар. Оваа година е и јубилејна за Пекабеско бидејќи компанијата одбележува 40 години од своето постоење.  Пекабеско АД Скопје е реномирана компанија од месната индустрија, која постојано инвестира и гради стратегија на натамошен раст и се вбројува во листата на најголемите 100 извозни компании од земјата.

За прашањата поврзани со тековното работење и натамошните планови и инвестиции на компанијата, како и за предизвиците со кои се соочува Пекабеско Скопје, беше разговарано на средбата меѓу г-дин Анатол Кутревски, втор извршен директор на Пекабеско со д-р Елена Милевска Штрбевска, главен советник на УО за правни прашања во Комората и Билјана Пеева Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Комората.

Најголемиот производствено-логистички центар на Пекабеско се наоѓа во Кадино, Илинден со површина од 19.700 м2 и капацитет на производство од 1.050 тони месечно. Вклучувајќи ја оваа инвестиција, Пекабеско, само во изминатите 7 години, има вложено околу 20 милиони евра. Во наредниот период поголема инвестиција на оваа компанија е и во делот на автоматско пакување на конзерви, што е во насока на автоматизација и модернизација на производството, од една страна, но и со справување со проблемот на недостиг на кадар во производството, од друга страна.

Низ годините постојано се зголемува и бројот на сертификати и стандарди со кои се одликува Пекабеско, меѓу кои HACCP, ISO 22000: 2005, како и Халал сертификатот. Тие претставуваат дополнително признание за успешната работа на компанијата и почитувањето на врвните стандарди во производството и дистрибуцијата.

ПЕКАБЕСКО – 40 ГОДИНИ ПРЕПОЗНАТЛИВ БРЕНД ВО ПРОИЗВОДСТВОТО НА СУВОМЕСНИ ПРОИЗВОДИПекабеско ги извезува своите производи и на пазарите во Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Годинава, Пекабеско доби и европски извозен број и посветено работи на проширување на дистрибутивната мрежа на пазарите во земјите-членки на ЕУ и освојување на нови задоволни потрошувачи ширум целиот свет.

Пекабеско е и општествено-одговорна компанија, која инвестира во серија на проекти за заштита и унапредување на животната средина (изградба и опремување на прочистителна станица, фотоволтаична централа од 512 kWh, менување на возниот парк со посовремени и поеколошки возила), а притоа поддржува и многубројни културни настани и институции, спортски кампови за деца и слично.

Резултатите на Пекабеско во изминатите  години ја прават компанијата вистинска успешна македонска бизнис приказна која незапирливо инвестира, воведува нови стандарди, го зголемува портфолиото на задоволни потрошувачи и брендови од Македонија и регионот и постојано ја зајакнува својата општествено-одговорна компонента.

Пекабеско е долгогодишна членка на Стопанската комора на Македонија, која активно учествува во работата на Групацијата за месо и преработки од месо при Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија во Комората, а м-р Анатол Кутревски е и член на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија и активно придонесува за стратешките правци на делување на оваа бизнис-асоцијација во претставувањето и застапувањето на интересите на македонското стопанство пред надлежните институции и организации во земјата и странство.

Д-р Елена Милевска Штрбевска