Потпишан договор за изградба на фотоволтаична електрана во РЕК Осломеј

   

👁 Прочитано: 322


Потпишан договор за изградба на фотоволтаична електрана во РЕК Осломеј

АД Електронстпанство на Северна Македонија (ЕСМ) и „Гирисим Електрик” од Турција денеска во Владата потпишаа договор за изградба на фотонапонската електрана „Осломеј“ со инсталирана моќност од 10 мегавати, во вредност од седум милиони евра. Од нив 5,9 милиони евра се заем од Европската банка за обнова и развој, а 1,1 милион сопствени средства од АД ЕСМ.

Согласно договорот, фотоволтачината електрана треба да биде изградена за 10 месеци и од следната есен да почне со производство.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски информира дека на меѓународниот тендер првично се јавиле 17 компании, од кои во потесен избор влегле осум, а како најдобар понудувач бил избран „Гирисим Електрик“ од Турција.
 
– Очекуваме наесен во 2020 година да ги добиеме првите киловати електрична енергија од сонце. Како државна компанија веќе работиме на проектот за нови 10 мегавати фотоволтаична електрана во Осломеј и подготовка на 20 мегавати фтоволтаична електрана во РЕК Битола. Во Осломеј како човечки ресурси ќе го искористиме потенцијалот кој го имаме во РЕК Осломеј и со преедукација ќе ги пренасочиме во делот на производство во новата фотоволтаична електрана, рече Ковачевски.

Потпишан договор за изградба на фотоволтаична електрана во РЕК Осломеј

Претседателот на Одборот на директори на компанијата „Гирисим Електрик“, Мухитин Бехиџ Харманли посочи дека се една од најголемите енергетски компании и имаат седум фирми што произведуваат електрична енергија.
 
– Освен во Турција каде имаме изградено капацитети од 3,5 гигавати, присутни сме во седум земји, а го имаме изградено и најголемиот капацитет во Алжир со инсталирана моќност од 1.200 мегавати. Првично работевме со ветерни паркови, а сега и со фотоволтаици, рече Харманли и препорача целото земјиште што не може да се користи за земјоделска обработка да се искористи за изградба на фотоволтаици.

Поради исцрпените резерви на јаглен Осломеј минатите години беше вон функција со мали исклучоци од по месец до два во годината и од капацитет за производство на електрична енергија со загадувачка технологија од јаглен прераснува во производен капацитет од обновливи извори на енергија.

Одделение за информирање