„TETEKS YARN LIMITED“ - КВАЛИТЕТНИ МАКЕДОНСКИ ВОЛНИЦИ ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР

   

👁 Прочитано: 7829


„TETEKS YARN LIMITED“ - КВАЛИТЕТНИ МАКЕДОНСКИ ВОЛНИЦИ ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР

Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска и м-р Анета Димовска, одговорна за анализи и истражувања на стопанскиот систем и економската политика во Комората, остварија работна посета во фабриката „Teteks Yarn Limited“ во Тетово, во рамките на која се сретнаа со управителот, Тотјо Маринов, како и со Сузана Манеска, директор на производство.

На средбата претставниците на Комората се запознаа со клучните активности кои „Teteks Yarn Limited“ ги презема во насока на наредни инвестиции за ширење на производството, како и со предизвиците со кои се соочува во секојдневното работење.

„Teteks Yarn Limited“ од Тетово е претпријатие кое првенствено се занимава со  производство на предива и волници. Станува збор за компанија со доминантен бугарски капитал, која на македонскиот пазар е присутна во последниве пет години, но во која е вградено повеќе децениското искуство во производство на волници за рачно плетење,  предива за ткаење, за трикотажа и за теписи. Врвниот квалитет на предивата и волниците кои се изработуваат во состав 100% волна, 100% акрил или мешавини на волна со акрил, полиестер и полиамид, ги прави конкурентни на пазарите во различни земји, првенствено членки на Европската унија. Истото придонесува „Teteks Yarn Limited“ да се најде на листата меѓу најголемите 100 извозници во 2018 година, со реализиран извоз од околу 4,3 милиони евра.

Како области во кои постои простор за подобрување на состојбите од страна на Тотјо Маринов беа посочени пристапот до финансии, во смисла на потребата од средства по поволни каматни стапки, кои би овозможиле инвестирање во нова посовремена технологија за производство на предива, како и недостигот на соодветно квалификуван млад кадар кој е сериозен предизвик за компанијата. Беше истакнато дека компанијата особено се соочува со недостиг на ракувачи на машини и електротехничари, кои се неопходни во производствениот процес.

„TETEKS YARN LIMITED“ - КВАЛИТЕТНИ МАКЕДОНСКИ ВОЛНИЦИ ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР„TETEKS YARN LIMITED“ - КВАЛИТЕТНИ МАКЕДОНСКИ ВОЛНИЦИ ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР

Од страна на претставниците на Комората беа потенцирани приоритетите на Комората за следниот период и подготвеноста на Комората за презентирање на можностите за обезбедување поволни средства преку одредени кредитни линии, како и подготвеноста за вклученост во процесите за обезбедување стручен кадар за потребите на бизнисот.

м-р Анета Димовска