ТЕЧАТ РОКОВИТЕ ЗА РЕГИСТРАЦИЈА ЗА ДДВ

   

👁 Прочитано: 537


ТЕЧАТ РОКОВИТЕ ЗА РЕГИСТРАЦИЈА ЗА ДДВ

Со започнување на новата календарската година, започнуваат и обврските за даночните обврзници. Една од таквите обврски е поврзана со целите на данокот на додадена вредност.

Со последните измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на РСМ“, бр. 275/19) се зголеми прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари. Така, според закон, обврзници за регистрација за данокот на додадена вредност се сите даночни обврзници чиј вкупен промет во изминатата календарска година (2019 година) надминал износ од 2.000.000 денари или чиј вкупен промет на почетокот од вршењето на стопанската дејност или во текот на годината се предвидува дека ќе го надмине износот од 2.000.000 денари.

Значи, сите даночни обврзници кои во 2019 година не го надминале прагот од 2.000.000 денари, немаат обврска да се регистрираат за цели на данокот на додадена вредност.
Но, останатите даночни обврзници со фактичко седиште, подружница, постојано живеалиште или место на престој во земјата чиј вкупен промет во 2019 година го надминал износот од 2.000.000 денари имаат обврска до 15 јануари 2020 година да се регистрираат за цели на ДДВ.

Регистрацијата се врши со доставување образец - Пријава за регистрација за данокот на додадена вредност („ДДВ-01“) до Управата за јавни приходи. Пријава за регистрација за цели на ДДВ може да поднесат и оние даночни обврзници кои доброволно сакаат да се регистрираат зa цели на данокот на додадената вредност, иако нивниот вкупен промет не надминува 2.000.000 денари.

Независно од тоа дали даночниот обврзник доброволно се регистрирал за цели на ДДВ или не, ако во текот на 2020 година го надмине износот на остварен вкупен промет од 2.000.000 денари, потребно е да поднесе пријава за регистрација најдоцна до 15-ти во месецот кој следи по месецот кога е остварен прометот. Доколку пак даночниот обврзник започнал со вршењето на дејноста во текот на календарската година, пријавата се поднесува во рок од петнаесет дена од почетокот на вршењето на дејноста. Пријавата за регистрација се доставува по пошта, лично до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (според седиштето/живеалиштето на даночниот обврзник) или по електронски пат на: http://etax.ujp.gov.mk .

Притоa, согласно закон, откако даночните обврзници за цели на ДДВ извршат регистрација, истите остануваат во системот најмалку во рок од три календарски години, независно од висината на вкупниот промет кој го остваруваат.

Доколку одреден даночен обврзник е веќе регистриран за цели на данокот на додадена вредност, а во 2019 година нема остварено промет поголем од 2.000.000 денари, има право да поднесе барање за дерегистрација од системот на данокот на додадена вредност, односно да не биде даночен обврзник регистриран за ДДВ, на соодветен образец - Пријава за отповикување на регистрацијата за ДДВ („ДДВ-01Б“). Барањето, односно пријавата за дерегистрација до Управата за јавни приходи исто така се поднесува не подоцна од 15 јануари 2020 година.

За даночните обврзници кои нема да постапат согласно законскиот рок за регистрација (15 јануари), предвидени се прекршочни одредби и тоа глоба во износ од: 

 - 300 до 1.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице и од 50  до 250 евра во денарска противвредност на одговорното лице во правното лице - микро  трговец;
 - 600 до 2.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице и од 100  до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правното лице - мал  трговец;
 - 1.800 до 6.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице и од  150 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правното лице - среден  трговец и
 - 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице  и од  200 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правното лице - голем  трговец.

За недоставување на пријавата за регистрација за цели на ДДВ до 15 јануари на трговец поединец и лице кое самостојно врши дејност ќе им се изрече глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност.

м-р Анета Димовска