ГОДИШНО ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИЗВРШНИ ДИРЕКТОРИ ВО ЗЕМЈАВА
➤ Актуелно (13.02.2020)
👁 Прочитано: 1071



ГОДИШНО ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИЗВРШНИ ДИРЕКТОРИ ВО ЗЕМЈАВА

НЕИЗВЕСНОСТА - КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА ЗАГРИЖЕНОСТ?

Во рамки на соработката меѓу Стопанската комора на Македонија и PwC, а во насока на континуирано информирање на бизнис-заедницата од Република Северна Македонија, во Комората на 13 февруари 2020 година, се одржа презентација на Годишното истражување на извршни директори во Република Северна Македонија на PwC, кое е дел од глобалното 23-то истражување - PwC CEO Survey.

Во истражувањето беа опфатени повеќе индустрии и тоа: автомобилската, металната, ИТ-секторот, финансиски институции, секторот енергетика и нафта, како и малопродажбата. За истражувањето свое мислење дадоа 43 извршни директори од домашни компании на прашања поврзани за: економскиот раст и нивни очекувања, ставови во однос на вработувањата и развојот на вработените, за степенот на дигиталното унапредување и кои се предизвиците со кои се соочуваат во оваа сфера и очекувањето за иднина - што може да нè очекува?

Согласно споделеното мислење, се наметнаа 4 клучни теми и тоа: несигурноста која ги поткопува видиците; унапредување на вештините на човечките ресурси веќе не е точка на разгледување; поставување на заштитни механизми во сајбер-просторот и климатските промени (можности затскриени во криза).

Сублимат од истражувањето се следниве резултати:

● во секој регион ширум светот, директорите предвидуваат забавен економски раст;

● најниски очекувања во растот на приходи на компаниите, по песимистичките очекувања од 2009 година;

● како најголема закана на економски раст се посочуваат големите очекувања од аспект на регулативите, како и трговските конфликти.

Новата декада, извршните директори ја започнуваат со изразен песимизам за глобалната економија, при што 53% во 2020 година предвидуваат пад на стапката на економски раст. Ова е највисокото ниво на песимизам откако се започнати анализите околу ова прашање во 2012 година. За разлика од тоа, бројот на извршни директори што предвидуваа пораст на стапката на економски раст се намали од 42% во 2019 година на само 22% во 2020 година. Ова се некои од клучните наоди од 23-та анкета на PwC, во која беа вклучени скоро 1.600 извршни директори од 83 земји од целиот свет, наоди кои беа промовирани на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Резултатите од истражувањето во Република Северна Македонија покажуваат поинаков тренд во однос на вербата во економскиот раст. Додека само 22% од директорите на глобално ниво сметаат дека економскиот раст ќе се зголеми, дури 40% од директорите во Северна Македонија веруваат во истото. Овие позитивни видувања се гледаат и понатаму во резултатите, каде само 26% од директорите во Северна Македонија сметаат дека глобалниот економски раст ќе трпи опаѓање, за сметка на 53% од нивните колеги на глобално ниво.

После презентацијата следуваше панел-дискусија по тематиките од истражувањето каде панелисти беа воедно и дел од извршните директори од спроведеното истражување и тоа:

- Ралица Губерова, „ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ“ АД - Скопје;

- Петар Јанески, „Макстил“ АД;

- Георги Тренкоски, „Теламон Европа“ ДООЕЛ – Скопје и

- Радош Вукиќевиќ, Винарска визба „Тиквеш“ АД - Кавадарци.

Генерален заклучок на сите панелисти беше во Македонија да се обезбеди стабилна политичка и бизнис клима, да постои национална бизнис стратегија која би ја следеле и компаниите и воедно би се чувствувале посигурни и покомотни во спроведување на своите идни стратегии во преземање на ризици за нови проекти, нови инвестиции и вработувања, освојување на нови и задржување на постојните пазари, подобрување на воспитно-образовниот систем и инфраструктурата во државата со цел зголемување на економскиот раст и развој на земјата.

м-р Елизабета Андриевска-Ефтимова