МОЖНОСТИ ШТО ГИ НУДИ НОВАТА МЕТОДОЛОГИЈА НА ЕУ

   

ПОРАКА ОД ... / 14.02.2020
👁 Прочитано: 294


МОЖНОСТИ ШТО ГИ НУДИ НОВАТА МЕТОДОЛОГИЈА НА ЕУ
м-р Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

Новата, ревидирана методологија на ЕУ за преговори нуди можности, но и одредени ризици за земјите - кандидати кои сакаат да станат дел од европското семејство. Во оваа прилика накусо за некои од можностите.

Прво, методологијата нуди релативно фер шанса. Секоја земја што навистина сака да влезе во ЕУ има пред себе јасни критериуми и јасен процес. Елементот на фер шанса се огледа во тоа дека финансиската и другите видови помош се поврзуваат со брзината и квалитетот на реформите, а со тоа и со напредокот во преговорите. Поголем реформски ентузијазам и ангажман на земјата - поголема помош во процесот од страна на ЕУ!

Второ, се поместува фокусот во процесот на преговори. Процесот во основа нема да биде повеќе доминантно бирократски административно водена постапка. Политиката влегува на голема врата во процесот. Практично, со еден сеопфатен, холистички пристап, како и разговори на високо политичко ниво, се создава можност политичката елита на земјата да биде директно вклучена во интеракцијата со ЕУ-структурите. Ова значи одржување на самити со редовна динамика помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, средби на различни нивоа, вклучително и министерски средби. Тоа ја зголемува и ја прави транспарентна одговорноста на политичкото водство. Истовремено, интерно, поголемата вклученост на политичката елита на земјата ќе овозможи процесот да биде поттикнат да се реализира со поголем интензитет. Важно е дека во целина фокусот повеќе ќе биде ставен на суштината на работите и таа енергија и ентузијазам може да се пренесува на  оперативните детали. 

Трето, постои шанса преговорите побрзо да се реализираат. Процесот на преговори со ЕУ е долгорочен по својата природа. Сепак, новата методологија отвора можност за нова динамика на процесот. Групирањето во кластери обезбедува негова поголема компактност. Притоа, особено е важен кластерот за т.н. фундаменти што вклучува владеење на правото, борба против корупцијата, економијата и соодветно функционирање на демократските институции. Овој кластер се отвора прв и се затвора последен. Доколку во преговорите завршиме добра работа особено околу овој кластер, растат шансите за побрзо завршување на преговорите.