НАРАЧКИТЕ ВО ЧЕВЛАРСКАТА ИНДУСТРИЈА НАМАЛЕНИ ЗА ОКОЛУ 40%, НО СЕ РАБОТИ

   

👁 Прочитано: 2084


НАРАЧКИТЕ ВО ЧЕВЛАРСКАТА ИНДУСТРИЈА НАМАЛЕНИ ЗА ОКОЛУ 40%, НО СЕ РАБОТИ

Лидија Милановска, потпретседател на Здружението на текстилната и кожарската индустрија при Стопанската комора на Македонија

Изолацијата на Италија подолг временски период како резултат на кризата предизвикана од КОВИД-19, го оневозможи извозот на готовите полупроизводи или производи во оваа земја од македонските партнери, каде македонските чевларски и кожарски компании реализираат најголем дел од извозот , односно преку 95% од своето производство. 

Голем дел од компании кои продаваат готови производи, односно произведуваат чевли, а немаат посредник, веќе имаат добиено известување од италијанските партнери дека се` е стопирано во наредниот период. Оние компании кои и минимално нешто работат без разлика директно со италијански партнери или преку посредници на српски компании, истакнуваат дека нарачките за овој и следниот период се намалени за околу 40%. Моментално во кумановскиот регион работат околу 10% од компаниите од чевларската индустрија, со капацитет на искористеност на производството од 35%.

Финансиските штети за компаниите се огромни и непроценливи, наредниот период ќе биде неизвесен и тежок, последиците ќе бидат видливи подолг временски приод, од причини што и странските партнери работат со намалени капацитети и драстично им се намалени продажбите на производите. 

Чевларски и кожарски компании од земјава кои во најголем дел се лоцирани во кумановскиот регион и работат „ЛОН“-производство за однапред познати италијански партнери, а кои соработуваат пред се` со италијански фирми - производители на чевли, поради ширење на корона вирусот во Европа, веќе трпат огромни штети и загуби, а поради пандемијата и видот на производство немаат голем простор за реорганизација на процесот, ниту пренамена за да може да опстанат.