НОВИНИ И МОЖНОСТИ ЗА ИСКОРИСТУВАЊЕ НА БЕНЕФИТИТЕ ОД МЕДИЈАЦИЈАТА: Е-РЕГИСТАР ЗА ПОДОБРА ЕВИДЕНЦИЈА НА ПРЕДМЕТИТЕ И ПРОМОЦИЈА НА Е-МЕДИЈАЦИЈАТА
➢ Актуелно (16.09.2020)
👁 Прочитано: 230



НОВИНИ И МОЖНОСТИ ЗА ИСКОРИСТУВАЊЕ НА БЕНЕФИТИТЕ ОД МЕДИЈАЦИЈАТА: Е-РЕГИСТАР ЗА ПОДОБРА ЕВИДЕНЦИЈА НА ПРЕДМЕТИТЕ И ПРОМОЦИЈА НА Е-МЕДИЈАЦИЈАТА

Како новина во овој дел на полето на развивање и афирмација на медијацијата е дека пред 1 месец, Министерството за правда на РС Македонија, изработи софтвер со кој медијаторите се регистрираат и користат електронски регистар за евидентирање на предметите на медијација. Е-Регистарот го изработи и е во надлежност на Министерството за Правда, а во истиот може да се внесуваат податоци за предмети на медијација по кои постапувале медијаторите. Целта на воведување на е-Регистар е да се олесни работата на медијаторите при евидентирањето на предметите без оглед на исходот на спорот и да се формира база на статистички податоци кои ќе бидат показател за примената на медијацијата како начин на решавање на споровите. Пријавувањето на предметите во регистарот го вршат исклучиво медијаторите кои поседуваат важечка лиценца за извршување медијаторски работи и кои се запишани во Именикот на медијатори кој го води Комората на медијатори. Евидентирањето на предметите и достапност до внесените податоци имаат само медијаторите со цел за доследна примена и почитување на начелото на доверливост на постапката на медијација. Со ваквата евиденција се прави точен увид на сите предмети кои се решаваат по пат на медијација и врз основа на тие податоци регулаторот со другите чинители од оваа област, може да превземаат идни чекори за делување на полето и во развивање на користењето на медијацијата.

Медијација, согласно Законот за медијација во нашата земја, е секое посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува истиот да го решат по пат на преговарање, на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори, со цел да се постигне заедничко прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба. При користењето на медијацијата за решавање на споровите, посебно при решавање на стопанските спорови, главна улога имаат начелата и стандардите на медијацијата која ја издвојуваат како привлечна пред останатите методи на алтернативно решавање на споровите, или пред судовите. Начелата на медијација се: Доброволност на страните за започнување на постапката, Рамноправност и еднаквост на страните во спорот, Неутралност на медијаторот кон страните, Доверливост на постапката, Исклучување на јавноста во медијацијата, Нема достапност на информации од постапката за медијација, Ефикасност на постапката, односно постапката е економична, ефикасна и брза, Правичност на постапката. Согласно законот за Медијација во РС Македонија (Закон за медијација („Службен весник на Република Мaкедонија“ бр. 188/13, 148/15, 192/15 и 55/16), медијацијата се применува особено во имотно-правни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како и во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Одредбите од законот за медијација се применуваат и во кривични спорови, доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена.

Последните неколку години, посебно со зголемување на процесот на дигитализација на активностите на секое поле и примена на најсовремените интернет алатки, се оди кон користење на електронска комуникација и "онлајн работење".  Посебно и сега, во услови на работење на економско-здравствена криза предизвикана од ковид-19 и намалени контакти меѓу страните со цел почитување на протоколите за заштита на здравјето на луѓето, потребно е да се прави поголема промоција и на е-медијацијата со која уште повеќе може да се искористат бенефитите и предностите од медијацијата и уште повеќе со неа би се заштедило во време и во финансии. На пример, за стопанските спорови кај кои постои доброволност на страните (или во меѓусебните договори е наведена можноста за договорно решавање на споровите), е-медијацијата е идеално решение за нејзино користење токму сега. Не постои никаква законска пречка за тоа, секако со почитување на сите акти од возможноста на користење на е-медијацијата во областите каде е тоа применливо, законски достапно и доброволно договорено. 

Бидејќи во рамките на Стопанската комора на Македонија, уште од 2016-та година функционира Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) и во рамките на активностите на оваа Асоцијација, направени се голем број презентации и промоции на медијацијата, Стопанската комора на Македонија и АПМ во следниот период најавуваат уште поголема заложба и превземање на активности за афирмација на медијацијата и посебно сега, афирмација и користење на е-медијацијата. Најавуваме организирање на настани на ова поле.

Во моментот во нашата држава има лиценцирано 46 медијатори, а повеќе информации во врска со нивната работа и работата на медијацијата, може да се најдат на официјалниот веб сајт на Комората на медијатори.

За повеќе информации во врска со активностите кои се превземаат за медијацијата во рамките на АПМ при Стопанската Комора на Македонија, можете да се обратите на тел.(02)3244-031 и е-mail:jelisaveta@mchamber.mk, кај д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, која воедно е и лиценциран медијатор и лиценциран обучувач на медијатори.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
потпретседател на Стопанската комора на Македонија