Прес конференција во Комората за состојбите и проблемите во автобускиот сообраќај во земјава - ДИВИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ГИ КОЧАТ АВТОБУСКИТЕ КОМПАНИИ
➢ Актуелно (21.06.2010)
👁 Прочитано: 527



Прес конференција во Комората за состојбите и проблемите во автобускиот сообраќај во земјава - ДИВИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ГИ КОЧАТ АВТОБУСКИТЕ КОМПАНИИ

Автобускиот превоз на патници во државава ги преживува своите најтешки моменти.  Слабата економска моќ, опаѓањето на обемот на транспортните услуги, зголемувањето на влезните трошоци, неповолната кредитна политика на државата за обнова на возниот парк, нелојалната конкуренција и слично, доведоа до стагнација и пад на економско-финансиската моќ на автобуските превозници. Ова на прес конференција во Стопанската комора на Македонија го истакна Митко Митевски, самостоен советник  во Здружението на сообраќајот и електронските комуникации (21.6.2010 година).

Имено, во 2009 годината вкупниот број на превезени патници (11,6 милиони патници) бележи пораст за 14,4% во однос на 2008 година, како резултат на зголемениот број на патници во внатрешниот сообраќај, за разлика од меѓународниот патнички превоз, кој оствари намалување на обемот за 20,4%.

 

 - Причините за зголемениот обем во внатрешниот сообраќај се наоѓаат во осетно намалениот стандард на населението, каде што патувањата се сведени на најнеминовните, како и поради ефектите од зголемените инспекциски контроли за спречување на нелојалната конкуренција – потенцираше Митевски. - Од друга страна, транспортниот учинок во 2009 година изразен преку остварени патнички километри бележи намалување за 2,1 проценти поради опаѓање на учинокот во меѓународен превоз и покрај тоа што во националниот превоз е остварен пораст за 6,5%.

Во првото тромесечје од 2010 година обемот на превезени патници во националниот сообраќај е зголемен за 4,0 отсто, додека меѓународниот превоз и натаму бележи опаѓање (за 14,6 отсто) во однос на првото тримесечје од 2009 година.Транспортниот учинок изразен преку остварени патнички километри ја продолжува тенденцијата на опаѓање, како во националниот (за 4,7%), така и во меѓународниот автобуски превоз (за 20,0 проценти).

- Еден од најтешките проблеми од екстерна природа, претставува нелојалната конкуренција предизвикана од таканаречените "диви превозници", во кои доминираат комби-превозниците и корисниците на приватни автомобили. Тие вршат јавен превоз на патници спротивно на условите пропишани со постојните законски прописи, односно се вози без регистрирани возни редови, не се влегува во автобуските станици, не се плаќаат давачки кон државата, незаконско се остварува финансиска добивка и слично – објасни Митевски. – За да ги задржат патниците, регуларните превозници се принудени да ги намалуваат цените, дури и да не пресметуваат амортизациони трошоци, што вкупно влијае на намалување на нивните фоиинансиски ефекти.

Последните измени и дополнувања на Законот за превоз во патниот сообраќај, особено практичното заживување на примената на лиценците, придонесоа за создавање правен ред во вршењето на превозничката дејност и за одредено намалување на влијанието на нелојална конкуренција.

Во рамките на поновите реформски прописи, електронската распределба на автобуските линии во внатрешниот и меѓународниот сообраќај, дадоа позитивни ефекти  и покрај тоа што овој процес треба уште да се усовршува. Од трошковен аспект, неодминливо треба да се нагласи се уште нерешениот проблем со високите трошоци за “зелен картон“, што превозниците ги плаќаат за работа во меѓународниот сообраќај.

Во претпристапниот период за влез на Република Македонија во ЕУ, процесот на усогласување на нашето законодавство со ЕУ-легислативата им создаваше соодветни проблеми и трошоци и на автобуските превозници (за примена на еколошки стандарди, за лиценци и дозволи, за задолжителна примена на дигиталните тахографи и сл.).

Иако на национално ниво се уште не е донесена посебна стратегија за функционирање и развој на патничкиот сообраќај, постојните законски прописи (Законот за превоз во патниот сообраќај и поблиските прописи за негова реализација, Законот за основите на безбедност на сообраќајот на патиштата, билатералните спогодби што Република Македонија ги склучува со другите земји и др.) претставувааат добра основа за регулирање на односите во оваа сообраќајна гранка, бидејќи се темелат на постулатите на европската легислатива, земајќи ги предвид спецификите на националното поднебје и интересите на превозниците.

Главен акцент во сообраќајната стратегија на ЕУ е даден на еколошкиот момент, со примена на строги еколошки критериуми, што им создава посебна обврска на превозниците доколку сакаат да опстојат на поширокиот европски пазар. Во насока на подобрување на имиџот и користењето на автобусите на пошироко европско ниво,  во фаза е кампањата на промоција на колективниот патнички транспорт, познат под називот “Smart Move”, која има за цел што поголемо омасовување на автобускиот превоз, чија оправданост ја има во фактот што 55% од јавниот транспорт во Европа се врши со автобуси.  

За подобрување на состојбите и надминување на проблемите во автобускиот сообраќај во Република Македонија, од Здружението на сообраќајот и електронските комуникации ги предлагаат следните насоки на делување:

 1. Доследна и целосна примена на постојниот Закон за превоз во патниот сообраќај и другите закони прописи од поврзани со вршењето на дејноста - автобуски превоз на патници, од страна на сите учесници во сообраќајот под еднакви услови.

            2. Поинтензивна активност на надлежните инспекциски органи за надминување на девијантните појави на транспортниот пазар, а пред се` во спречување на "нелојалната конкуренција" по сите основи.         

            3. Подоследна примена на казнените мерки за прекршителите на законските прописи со примена на прогресивни казни, односно при секое повторување на прекршоците казните повеќекратно да се  зголемуваат.

            4. Реализирање на покренатата иницијатива на превозниците за намалување на цената на “зелените картони“ за меѓународен превоз, по примерот како што тоа е направено во другите европски земји.

            5. Поддршка на кампањата за “двојно зголемување на автобускиот транспорт“ во националните стратешки документи во наредниот среднорочен период.

6. Натамошното унапредување соработка меѓу превозниците, Министерството за транспорт и врски и Државниот инспекторат за патен сообраќај, на партнерска основа, се гледа како на еден од клучните фактори за осовременување на односите во оваа стопанска дејност. Во таа насока е потребно потпишување Меморандум за соработка и формирање на транспортен комитет како стручен оперативен форум.