ЕУ и Кина потпишаа билатерален договор за заштита на 100 европски ознаки со географско потекло во Кина и 100 кинески ознаки со географско потекло во ЕУ - Заштита од имитација и задржување на автентичност на производите
➢ Актуелно (15.09.2020)
👁 Прочитано: 305



ЕУ и Кина потпишаа билатерален договор за заштита на 100 европски ознаки со географско потекло во Кина и 100 кинески ознаки со географско потекло во ЕУ - Заштита од имитација и задржување на автентичност на производите

Договорот е потпишан пред почетокот на онлајн самитот ЕУ-Кина кој требаше да се одржи во Лајпциг со присуство на челниците од сите земји членки на ЕУ и нивните кинески колеги. Овој Самит требаше да биде еден од централните настани на германското претседавање со Советот на ЕУ, но поради пандемијата со корона-вирусот се одружува преку видео-конференција и во потесен формат.

Договорот за заштита на ознаките со географско потекло, во кој преговорите биле заклучени уште од ноември 2019 година, би требало да донесе трговска корист за двете страни, а на потрошувачите да им понуди поквалитетни производи, се наведува во соопштението од Европската Комисија.

Еврокомесарот за земјоделство и рурален развој, Јануш Војчеховски, изјавил дека договорот придонесува за јакнење на трговските односи помеѓу ЕУ И Кина и истиот се очекува да има бенефити за земјоделско-прехрамбениот сектор и потрошувачите од двете страни. Договорот ја покажува нашата посветеност на блиската соработка со глобалните трговски партнери како што е Кина. Европските производи со ознаки на географско потекло се познати по својот квалитет и различност и важно е истите да се заштитат и на ниво на ЕУ и на глобално ниво, за да се осигура нивната автентичност и да се сочува нивната репутација, изјави Војчеховски.

Кинескиот пазар има се поголем потенцијал за европските производители на храна и пијалоци. Кина во текот на минатата 2019 година била трета извозна дестинација за земјоделско-прехранбените производи од ЕУ, а вредноста на производите извезени на кинескиот пазар достигнала 14,5 милијарди евра. Кина истровремено е и втората по ред извозна дестинација за производите од ЕУ кои се заштитени како ознаки со географски потекло. Вредноста на тие производи во кои влегува и виното, земјоделско-прехрамбените производи и алкохолните пијалоци, сочинуваат 9 % од вредноста на извозот.

Меѓу листата на ЕУ производи со ознака за географско потекло кои ќе бидат заштитени во Кина се наоѓаат шпанското вино Кава, францускиот шампањ и коњак, ирското виски, португалското вино порто, полската вотка, минхенското пиво, грчката фета, италијанското сирењо горгонзола и други.....Меѓу кинеските производи со географско потекло се познатото јадење од грав, оризот, белиот чај и други.....

Договорот, по потишувањето и одобрувањето од страна на Европскиот парламент треба званично да го усвои Европскиот совет, а на сила би требало да стапи на почетокот на 2021 година. Во рок од 4 години од стапување на сила на договорот, листата на производи ќе биде проширена со по уште 175 ознаки со географско потекло од двете страни. 

Во ЕУ постојат повеќе од 3.300 заштитени ознаки со географско потекло, а уште околу 1.250 ознаки вон ЕУ земјите се заштитени во ЕУ врз основа на билатералните договори кои ЕУ ги има направено со земјите, се наведува во соопштението од Европската комисија.

Вредноста на пазарот на производи од ЕУ заштитени со ознаки со географско потекло изнесува 74,8 милијарди евра, а вредноста на извозот на тие производи е 16,9 милијарди евра, односно 15,4 одсто од вкупниот извоз на храна и пијалоци од ЕУ.

Служба за информирање при Комората