СОРАБОТКАТА МЕЃУ НАУКАТА И СТОПАНСТВОТО ВОДИ КОН РАЗВОЈ НА ЕКОНОМИЈАТА
➢ Актуелно (17.09.2020)
👁 Прочитано: 1254


- Реализирана работна посета на Цементарница УСЈЕ
СОРАБОТКАТА МЕЃУ НАУКАТА И СТОПАНСТВОТО ВОДИ КОН РАЗВОЈ НА ЕКОНОМИЈАТА

 

Претставници од Стопанската комора на Македонија остварија работна посета на Цементарница УСЈЕ, предводник во производството на цемент и извонреден пример на компанија со одржлив развој чии стратешки приоритети се географската диверзификација, континуираното конкурентно подобрување, човечкиот капитал и корпоративната општествена одговорност.

Средбата реализирана со извршниот директор Борис Хрисафов и Магдалена Славејкова менаџер за човечки ресурси и корпоративна општествена одговорност во компанијата имаше за цел да отвори дискусија за општествените и економските предизвици со кои се соочува индустријата на градежни материјали како резултат на КОВИД-19 кризата, за тековните проблеми во дејноста, но и за потенцијалите за натамошен развој и остварување поголема конкурентна предност на производите на домашниот и странскиот пазар. Особено внимание во овој контекст заслужуваат прашањата за нелојалната конкуренција од увоз со која се соочуваат производителите на градежни материјали во земјата и недостигот на квалификуван кадар согласно потребите на стопанството. Оттаму, подигнувањето на квалитетот на градежните производи и на севкупниот квалитет во градежниот сектор е од заеднички интерес за државата и за компаниите, поради што е неопходно зајакнување на капацитетите и улогата на инспекцискиот надзор во делот на увезените градежни производи. На средбата беше истакната и потребата од континуирана и продлабочена соработка на науката и стопанството, со цел развој на образовни програми кои креираат практично и применливо знаење кое е неопходно за создавањето на квалификуван работен кадар.

Во фокусот на Цементарница УСЈЕ е континуираното подобрување на квалитетот на производите и унапредување на производствените процеси, преку вложување во  развој на компанијата, водејќи сметка за заштитата на животната средина и промовирање практики за остварување поголема енергетска ефикансост, одговорно користење на природните ресурси и придонес кон циркуларната економија.

Цементарница УСЈЕ е дел од Групацијата ТИТАН која е присутна во 15 земји, со годишен капацитет од 27 милиони метрички тони цемент и цементни материјали и вработува околу 5.500 луѓе низ целиот свет. Деловните активности на Групацијата вклучуваат производство, транспорт и дистрибуција на цемент, бетон, агрегати, летечка пепел, малтери и други градежни материјали.

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија