Одржан четвртиот состанок на Управниот одбор на проектниот тим на Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење (ТРАИНЕЕ)“
➢ Актуелно (14.10.2020)
👁 Прочитано: 502



Одржан четвртиот состанок на Управниот одбор на проектниот тим на Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење (ТРАИНЕЕ)“

На 14 октомври 2020 година, во хотелот „Солун“, се одржа четвртиот и воедно последен состанок на Управниот одбор на проектниот тим во рамките на Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење (ТРАИНЕЕ)“.

На состанокот пред членовите на проектниот тим, претставници од државните институции и универзитети беа презентирани алатките, методологиите и документите, коишто се развија во рамките на Проектот, а кои ќе останат достапни за корисење и по неговото завршување, притоа придонесувајки за зголемена конкурентност на градежниот сектор во делот на постигнување на параметрите за енергетска ефикасност и претставуваат насоки за институциите при креирање на идните политики за енергетската ефикасност и дигитализација на македонскиот градежен сектор.

Преку Проектот беа постигнати две цели согласно приоритетите на Европската комисија каде енергетската ефикасност е клучен потприоритет бидејки анализите покажуваат дека 40% од потрошувачката на енергија отпаѓа на објектите и од исклучително значење е градење на капацитетите во градежниот сектор за градење и реконструкција на енергетски ефикасни згради кои остануваат приоритети и во следниот програмски период 2021-2027 година дефинирани во рамки на Зелениот договор на Европа. Преку обуки и директни примери за примена беа подигнати капацитетите на вработените во градежниот сектор со цел примена на енергетската ефикасност и во делот на обновливите извори на енергија.

Дигитализацијата како втор приоритет беше постигната преку континуирано запознавање и обука за примена на БИМ алатката (Building Information Modeling) што претставува значителен чекор кон дигитализација на градежниот сектор. За институциите и компаниите изготвен е и Патоказ за примена на БИМ методологијата.

Проектот „ТРАИНЕЕ“ се имплементира од страна на Стопанската комора на Македонија, како координатор на Проектот, во партнерство со Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Јавната установа Центар за образование на возрасните - Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и WITS INSTITUTE SL (BIM Academy) - Академијата БИМ од Шпанија, како дел од Повикот за енергетска ефикасност 2014-2016, во рамките на Програма „Хоризонт 2020“.

м-р Ивана Крстевска
соработник во Стопанска комора на Македонија