Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанската комора на Македонија на тема: ВРШЕЊЕ ВИДЕО НАДЗОР СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ И ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ КОИ ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД ИСТИОТ
➢ Актуелно (16.10.2020)
👁 Прочитано: 341



 Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанската комора на Македонија на тема: ВРШЕЊЕ ВИДЕО НАДЗОР СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ И ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ КОИ ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД ИСТИОТ

Видео надзорот станува се’ поприсутен во секоја организација. Опремата што се користи за мониторирање и надзор е лесно достапна и се’ пософистицирана, софтверите овозможуваат покомплексна обработка на податоци, а технологијата што се користи резултира со се’ повеќе и повеќе податоци за физичките лица. Целта на одредбите за приватност и заштита на личните податоци е да го регулира, ограничи и да го услови надзорот за да се осигура дека кога веќе се врши навлегување во приватноста со видео надзорот, тоа навлегување е неоходно, законски, фер и пропорционално. 

На овој семинар посетителите се стекнаа со знаење за тоа како компаниите да се усогласат со одредбите од Законот за заштита на личните податоци што се однесуваат на видео надзорот, кои се и какви се обврските и одговорностите на компаниите што произлегуваат од овој Закон и подзаконските акти, како до нивна наједноставна примена со примери од пракса, но и кои се најголемите предизвици поврзани со неговата имплементација. На семинарот се анализираа и примери од правната пракса каде што Агенцијата за заштита на личните податоци при вршење на инспекциски надзор наидувала на најмногу забелешки. 

На „онлајн“ семинарот беа обработени теми и дадени одговори кои на учесниците во иднина ќе им помогнат за квалитетно извршување на своите работни задачи  и обврски поврзани и тоа:

  • примери од Закон за заштита на личните податоци;
  • Правилникот за содржината и формата на актот за начинот на вршење на видео надзор;
  • Правилникот за содржината на анализата на целта, односно целите за која се поставува видео надзорот и извештајот од извршена периодична оценка на постигнатите резултати од системот за вршење видео надзор;
  • прекршочни одредби кои произлегуваат од Законот и мерки кои произлегуваат од инспекцискиот надзор.

Предавачи на семинарот беа: Емилија Ангеловска, CIPP/E, CDPO, ISO27001 Lead Auditor, консултант за заштита на лични податоци во „Инфиго ИС“ и  Елена Кочова, консултант за заштита на лични податоци во „Инфиго ИС“.

М-р Елизабета Андриевска-Ефтимова
советник во Стопанска комора на Македонија