ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ НИЗ ПРИЗМА НА БОЛЕДУВАЊЕ, БРЕМЕНОСТ, РАЃАЊЕ И МАЈЧИНСТВО КАКО ОСНОВИ ЗА ИСПЛАЌАЊЕ НА НАДОМЕСТОЦИ
➢ Актуелно (19.10.2020)
👁 Прочитано: 2836



ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ НИЗ ПРИЗМА НА БОЛЕДУВАЊЕ, БРЕМЕНОСТ, РАЃАЊЕ И МАЈЧИНСТВО КАКО ОСНОВИ ЗА ИСПЛАЌАЊЕ НА НАДОМЕСТОЦИ

Во чекор со променливите потреби на деловните субјекти, наметнати од интензивните и чести регулативни промени, предизвикани поради здравствено-економска криза и Пандемијата Ковид-19, за кои пак неопходна е брза адаптација, Стопанската комора на Македонија, на 19 октомври 2020 година, организираше „онлајн“ работилница на тема: „Боледување, бременост, раѓање и мајчинство и други основи за исплаќање на надоместоци, додатоци на плата и трошоци поврзани со работењето на товар на работодавачот“. 

Интерактивната „онлајн“ работилница се спроведе со цел да обезбеди одговор на најделикатните прашања на слушателите во поглед на работните односи, практично елаборирајќи ги основите за отстуство од работа и понудувајќи одговори за адектавно превземање активности во конкретните случаи.

Пред сé, се дискутираше за боледувањето како основ за отсуство од работа и со особено внимание се разгледаа актуелните околности и специфичните категории на работници кои користат боледување поради воведените заштитни мерки. Уште повеќе, се анализираше различниот третман на лицата во самоизолација во зависност од тоа дали кај нив се констатирани симптоми на Ковид-19, дали се третирани како заболени, но асимптоматски пациенти или пак нивната изолација се должи на постоењето на претпоставен ризик од заразување со вирусот.

Во поглед на боледувањето, на работилницата особено се направи дистинкција на обврските на работодавачот наспроти оние на Фондот за здравствено осигурување од аспект на нивната улога на исплаќачи на надоместокот на плата. Дополнително, се разговараше за отсуството од работа поради бременост, раѓање и мајчинство во контекст на моменталните случувања и обврските на засегнатите страни, а се направи преглед и на останатите основи за исплаќање надоместок на плата согласно законските и подзаконските прописи, како и на додатоците на плата и трошоците поврзани со работењето. 

Предавачи на работилницата беа Сашка Бошковска-Богдановска, овластен ревизор, овластен сметководител и овластен проценител во „БДО“ ДОО - Скопје, со практично работно искуство во областа на ревизија, сметководство, даноци и пресметка на плати и Викторија Спасовска - Симоноска, адвокат во Адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец & Новаковски“, предавач на обуки, семинари и конференции со особен фокус на тематики од облигационото, деловното и трудовото право.

М-р Анита Митревска
стручен соработник во Стопанска комора на Македонија